Претставници на Белата куќа подготвиле извршна наредба со која се упатува министерката за образование Линда Мекмахон да го почне процесот на затворање на министерството, велат изворите.
Трамп долго време сигнализира дека има намера да го затвори министерството, но за целосно елиминирање ќе биде потребно и дејство од Конгресот, рече Мекмахон за време на сослушувањата за потврда во почетокот од оваа година. Таа беше потврдена во понеделникот.
Си-ен-ен и претходно објави дека администрацијата подготвувала наредба за почнување на процесот за затворање на Министерството за образование. Трамп, исто така, планира да изврши притисок за Конгресот да го усвои законот за укинување на министерството.
Нацрт-наредбата ја упатува Мекмахон „да ги преземе сите неопходни чекори за да го олесни затворањето на Министерството за образование“ работејќи „максимално соодветно и во рамките на законот“.
„Експериментот на контролирање на американското образование преку федерални програми и долари – и неодговорните бирократи што тие програми и долари ги поддржуваат – ги изневерија нашите деца, нашите наставници и нашите семејства“, се вели во нацрт-наредбата.