МВР официјално не открива дали и каква трага има од овие лица во кои има имиња на поранешни функционери, бизнисмени и лица поврзани со тешки кривични дела.
Нофицијалните информации ги лоцираа дел од овие лица, а дел од нив и официјално се знае каде се, но во државава ги нема и се само на хартија како бегалци. Останува отворено прашањето кој ги штити, дали роднини, политиката или системската негрижа, а тоа официјално никој не го потврдува.
Официјалниот одговор од МВР до МКД.мк во врска со овие потерници е дека во случај на пронаоѓање ќе следат сите неопходни мерки за да се вратат овие лица во државата каде против нив се водат кривични постапки и им е изречен притвор во отсуство или истите се завршени и ги чекаат затворски казни.
„Министерството за внатрешни работи е во постојана комуникација со надлежните служби од државите во кои според оперативните информации лицата би можеле да бидат лоцирани. Во случај на пронаоѓање, ќе следат сите неопходни мерки и активности, со цел нивно враќање во државата“, стои во одговорот од МВР.
Поранешниот вицепремиер Артан Груби, кој неодамна се најде на црната листа на САД поради вмешаност во „значителна корупција“, како и поранешните директори на АД Државна лотарија и АД ЕСМ, Перпарим Бајрами и Васко Ковачевски, уште не се достапни за органите на прогонот, откако беа осомничени во рамки на случаите познати како „Лотарија“ и „Адитив“, кои се однесуваат на незаконска набавка на апарати за коцкање, односно на адитив за капацитетите на РЕК Битола.
На 31 декември 2024 беше објавена меѓународната потерница за Ковачевски, еден од осомничените во случајот „Адитив“. Потерницата е објавена на веб-страницата на МВР, веднаш над онаа за поранешниот вицепремиер, Груби, кој пак се бара за криминал во Државна лотарија. Според неофицијални податоци Ковачевски се крие некаде во Нов Зеланд каде имал роднини, а Груби заминал за Албанија и моментално престојува во место покрај Јадранско море близу Драч. Нивните имиња се понови на листата на потерниците, за кои истрагите допрва ќе треба да покажат повеќе детали.
Никола Груевски, поранешниот премиер на Македонија, е во бегство од 2018 година, откако беше осуден за злоупотреба на службената положба и се наоѓа во Будимпешта, Унгарија каде доби политички азил. Горан Грујевски и Никола Бошкоски, поранешни разузнавачи, се бараат за аферата со масовното прислушување и за нив се знае дека се во Грција. Алил Демири и Африм Исмаиловиќ се осудени за терористичкиот напад кај Смилковско Езеро, во јавноста познат како случајот „Монструм“. Тие се наоѓаат во Косово и се бараат повеќе од 10 години.
Она што е заедничко за сите нив е фактот дека македонскиот правосуден систем не успеал да ги приведе на време и тие, со различни механизми, успеале да избегнат апсење или издржување на казна.
Ова го отвора прашањето за ефикасноста на институциите, меѓународната соработка за екстрадиција, но и политичките влијанија во правосудниот систем кој допрва треба да докаже дали некој од овие лица ќе се соочат со постапки кои против нив се водат или се воделе.
К.Д.