Несогласувањето околу минералите предизвика поширока криза во односите оваа недела. Трамп го нарече Зеленски диктатор кој избра војна со Русија, а Зеленски го обвини Трамп дека верува во руски дезинформации.
Извори од двете страни сега велат дека договор е поверојатен.
Извор запознаен со ова прашање изјави за Аксиос дека неколку помошници го охрабриле Зеленски да го потпише ажурираниот предлог за да избегне понатамошен конфликт со Трамп и да му дозволи на американскиот претседател да ја оправда американската поддршка за Украина.
„Има значително подобрување во неодамнешниот нацрт и тој е во согласност со украинскиот закон“, рече извор.
Советникот за национална безбедност на Трамп Мајк Волц вчера им рече на новинарите дека Зеленски мора „да се врати на маса“ по прашањето на минералите.
„Ова се преговори. А во преговорите преговарате. Украина сака да преговара за минерали, така што ние зборуваме за тоа“, изјави претставник на Белата куќа.
Украина се наоѓа во област со значителни резерви на ретки минерали кои се клучни за најнапредните технологии. Вкупната вредност на минералите може да се мери во трилиони долари.
Договорот за минерали не е експлицитно поврзан со никакво решение за ставање крај на војната во Украина, но двете прашања драматично се испреплетеа оваа недела.
Идејата за економско партнерство меѓу Украина и САД првично беше покрената од Зеленски минатиот септември, за време на состанокот со Трамп во Њујорк.
Минатата недела, три часа пред американскиот министер за финансии Скот Бесент да пристигне на средба со Зеленски во Киев, американскиот амбасадор го предаде нацрт-договорот за соработка во ископување минерали.
Нацрт-договорот наведува дека САД ќе добијат 50 отсто од минералите, дека договорот ќе биде предмет на јурисдикција на судот во Њујорк, а договорот ќе ги поништи сите други трговски договори на Украина, според два извори кои го прочитале оригиналниот нацрт.
За време на нивниот состанок, Бесент му рекол на Зеленски дека Трамп инсистира веднаш да го потпише. Зеленски му рекол на Бесент дека не може да го потпише документот кој штотуку го добил.
Украинците исто така беа разочарани што американскиот нацрт не вклучува никакви безбедносни гаранции за Украина и дека тоа им се наметнува во време кога Украина е исклучена од американско-руските преговори за нејзината иднина.
Но, тие исто така беа изненадени кога Трамп почна јавно да го напаѓа Зеленски, вклучително и поради предлогот за минерали.
„Скот Бесент отиде таму и беше третиран прилично грубо бидејќи во суштина му беше кажано „не““, им рече Трамп на новинарите во средата. „Се врати со празни раце. Тие не сакаа да го потпишат документот“, рече тој.
Неколку дена подоцна, кога Зеленски се сретна со потпретседателот Ванс и државниот секретар Марко Рубио во Минхен, тие му поднесоа помалку обврзувачки нацрт-меморандум за разбирање за екстракција на минерали, рече украинскиот претставник.
Зеленски им кажа на Ванс и Рубио дека не може да го потпише документот бидејќи таков договор, според украинскиот устав, мора да биде одобрен од парламентот.
„Тоа за нас беше вест која тимот на Зеленски не ни ја кажа пред состанокот. Се чинеше дека тоа не беше со добра волја“, рече претставник на администрацијата на Трамп.
Ставот на Зеленски за договорот за минерали беше прашање што ги фрустрира Трамп и другите високи американски функционери и ги засили тензиите околу средбата САД-Русија во Саудиска Арабија, изјавија американски и украински официјални лица.
„Има многу фрустрации. Потпретседателот Ванс беше многу фрустриран кога ја напушти конференцијата за безбедност во Минхен, згора на тоа што претседателот беше фрустриран“, изјави Валц вчера за Фокс њуз.
„Ние предложивме САД да инвестираат во Украина во нејзината економија и природни ресурси и да станат партнер во иднината на Украина. Ова е најдобрата безбедносна гаранција на која би можеле да се надеваат. Повеќе од само уште една палета муниција.
Зошто добиваме критики? Тоа е неприфатливо. Мора да ублажат. Внимателно погледнете и потпишете го овој договор“, рече Валц.
Трамп во средата вечерта изјави дека се обидува да го „оживее“ договорот за минерали.