„Ако нештата ги наречеме со вистинското име, ова е предлог за купување помош – со други зборови, не станува збор за тоа помошта да се дава безусловно или од други причини, туку конкретно на комерцијална основа“, кажа портпаролот на Кремљ Дмитриј Песков. „Би било, нормално, подобро доколку помошта воопшто не е пружена бидејќи тоа би придонело кон завршување на овој конфликт“.
Трамп вчера најави дека „бара начин да склучи договор со Украина“, според кој Соединетите Американски Држави би пружиле воена помош во замена за украинските ретки минерали. „Вложуваме стотици милијарди долари. Имаат прекрасни ретки минерали, а јас сакам безбедност на ретките минерали“, кажа тој, додавајќи дека „Украина е спремна тоа да го направи“.
Киев сè уште не го коментирал предлогот на Трамп, но делењето ресурси со сојузниците е дел од таканаречениот план за победа на украинскиот претседател Володимир Зеленски.
Германскиот канцелар Олаф Шолц го критикуваше предлогот на Трамп, нарекувајќи го „многу егоцентричен, многу себичен“ и истакна дека на Украина ќе ѝ требаат нејзините природни ресурси за финансирање на обновата по војната.