Градската управа на Токио наведува дека новата мерка, која почнува од април следната година, може да им овозможи на вработените три слободни дена неделно. Најавена е и друга мерка која на родителите на деца од прво до трето одделение во основно училиште ќе им овозможи да заменат дел од својата плата за можност за порано завршување на работното време.
„Ќе ги проучиме работните стилови, ќе обезбедиме никој да не мора да се откаже од кариерата поради животните околности како пораѓањето или одгледувањето деца“, кажа гувернерката на Токио Јурико Коике при претставувањето на планот.
„Сега е моментот Токио да преземе иницијатива во заштитата и унапредувањето на животот, опстанокот и економијата на нашиот народ во овие предизвикувачки времиња за земјата“, додаде таа.
Стапката на наталитет во Јапонија, која со години е во стрмен пад, достигна нов рекорден минимум во јуни, и покрај напорите на владата да ги поттикне младите на брак и формирање семејство.
Минатата година се забележани само 727.277 родени, а стапката на наталитетот – бројот на деца кои една жена ги има во животот – паднала на нов минимум од 1,2, според јапонското министерство за здравство, труд и социјална грижа. За стабилност на популацијата потребна е стапка на фертилитет од 2,1.
Јапонската влада спроведува низа „сега или никогаш“ политики за да го сврти демографскиот пад, вклучувајќи поттикнување на мажите на користење породилни отсуства, додека други локални власти воведуваат мерки за подобрување на работните услови.
Многу социолози го поврзуваат падот на наталитетот со безмилосната работна култура на Јапонија и растечките трошоци за живот. Долгите работни часови секогаш биле проблем за јапонските корпорации во кои работниците често патат од здравствени проблеми, а во екстремни случаи доживуваат и „кароши“ – смрт од прекумерна работа.
Како и во други земји, жените често се под притисок да бираат меѓу кариерата и семејството, но единствената култура на прекувремена работа во Јапонија ги прави бременоста и одгледувањето деца посебен предизвик.
Префрлањето на четиридневна работна недела предизвика растечки интерес на Западот, каде некои компании почнуваат да го истражуваат намалувањето на работните часови како начин за привлекување работници кои бараат подобра рамнотежа меѓу деловниот и приватниот живот. Некои истражувања покажуваат дека тоа ги подобрува добросостојбата и продуктивноста на вработените.