среда, 16 октомври 2024
Кристина Пота Радуловиќ

Објавено на

часот

Сподели

КОЛУМНА

„Ти си пречувствителен/на“ – грижа за нас или агресија и етикетирање?

Чувствителност

Чувствителноста можеме да ја опишеме како наш капацитет да почувствуваме и реагираме на дразбите кои доаѓаат од нашата околина. Во тие дразби спаѓаат најразлични настани во нашата непосредна и подалечна средина и однесувањето, потребите и чувствата на луѓето кои нé опкружуваат. Однесувањето и постапките на другите луѓе може да се однесуваат директно или индиректно на нас, или да немаат врска со нас, а ние сепак сме ги регистрирале и одреагирале на нив.

Ние меѓусебно се разликуваме во тоа што забележуваме, а што не, на што реагираме, а на што не, и со кој интензитет. Како ќе реагираме на нечие однесување, чувства или потреби зависи од тоа која е таа личност, во каква релација е со нас, како ние го доживуваме нејзиното однесување и каков е контекстот во кој се наоѓаме. Искуствата кои ги носиме од детството се исто така еден од факторите кои можат да влијаат на начинот на кој реагираме на дразбите. Затоа некои работи нè допираат, некои погодуваат, а некои не ги забележуваме.

Високо чувствителна личност

Високо чувствителна личност е термин кој опишува луѓе кои се нагласено чувствителни (хипер-сензитивни) на надворешни стимулуси, се вдлабочуваат повеќе од останатите при обработувањето на информациите и имаат силни емоционални реакции. Овој термин го сковале психолозите Елен и Артур Арон во средината на 1990-те години. Според тие автори, во пракса тоа значи дека високо чувствителните луѓе реагираат почесто, поинтензивно и поемотивно од останатите на дразби од околината, обрнуваат големо внимание на детали и им треба подолго време при донесување на одлуки бидејќи го премеруваат секој од можните исходи. Тие се почувствителни на иритантни звуци од останатите, особено се совесни и внимателни кон другите и сочувствуваат со другите луѓе.

Пречувствителност

Во секојдневниот говор, пречувствителност е придавка која луѓето често ја употребуваат да опишат или означат некого за кого сметаат дека лесно се вознемирува и дека го погодуваат и повредуваат работи кои не ги допираат мнозинството од другите луѓе. Пречувствителноста е главно во очите на оној кој самоиницијативно ја констатира кај некој друг и со тоа себе си се става во позиција на арбитар. Некои од нас си даваат слобода и право да коментираат и проценуваат туѓи чувства, доживувања и реакции на одредени однесувања и постапки. Притоа, личноста која е предмет на нивната процена или „етикетирање“ не ги прашала за мислење. „Ти си пречувствителен/на“, „Многу си чувствителен/на“ или „Многу си свилен/на“ се некои од изјавите кои најчесто се употребуваат кога некој самоиницијативно констатира дека оној другиот е „пречувствителен“.

Грижа за нас или етикетирање?

Една работа е кога на некого со многу такт, внимателно и сочувствително ќе му укажеме дека ситуацијата која го погодува можеби и не е толку страшна, како што на него во тој момент му изгледа. Тоа е одраз на грижа, почитување и разбирање за таа личност и има за цел да ја скрие и да ѝ ја омлачи грижата која ја чувствува. Да ѝ покаже и друга перспектива на истата ситуација која таа можеби во тој момент и не ја гледа. Сосема друга работа е кога на некого ќе му „залепиме“ придавка која го опишува во негативен контекст само затоа што ние не го разбираме или не го прифаќаме неговиот сензибилитет.

Етикетирање

Етикетирање е самоиницијативно „лепење“ на описни придавки на друга личност. Тие придавки најчесто имаат негативен призвук, како веќе споменатото „Ти си пречувствителен/на“ или „Многу си свилен/на“. Етикетирањето е агресивна и често импулсивна реакција, која во себе содржи критика, неприфаќање и неразбирање на другата личност, нејзините чувства и потреби. Негово погонско гориво е агресијата која е насочена кон личноста на која се обидуваме да ѝ „залепиме“ етикета на пречувствителност. Како таа да нема право да постои како таква и да го чувствува тоа што го чувствува, туку ние со својата агресија ќе ја расклопиме и повторно склопиме по наша желба. Да склопиме личност која е поприфатлива за нас, устроена според нашите критериуми, меѓу кои е и критериумот за чувствителност – по наши мерила што може да ја допира и погодува, а што не.

Кога луѓето ги оценуваме како пречувствителни или свилени, им праќаме порака дека немаат право да го чувствуваат тоа што го чувствуваат и дека нешто е многу погрешно во врска со нив. Дека не се доволно добри такви какви што се, дека нешто им недостига и дека поради тоа ние не ги прифаќаме, туку критикуваме, осудуваме и отфрламе.

Исто важи и кога некој се обидува на нé етикетира нас. Она што го губиме од вид е дека ако ние некоја личност не ја разбираме и не ја прифаќаме, тоа не значи дека и другите не ја разбираат и не ја прифаќаат. Тоа само значи дека ние немаме капацитет за тоа, па употребуваме етикетирање за да го „свариме“ она што не го разбираме, па макар и погрешно. Она што е важно да го освестиме е дека ние не сме мерка на сите нешта, туку некој кој неповикан, во напаѓачки манир и непријателски настроен влегува во нечиј личен простор со идеја тој човек да го менува или казнува.

Како да се излезе на крај со етикетирањето?

Кога некој нè етикетира дека сме пречувствителни, имаме одговорност да се заштитиме себе. Етикетирањето во себе носи пораки за неприфаќање и отфрлање. Која е личноста која нас не нé прифаќа и отфрла? Во каква релација сме? Што можеме да направиме за да се заштитиме?

Секој од нас реагира поинаку. Едни се бранат и правдаат, други избувнуваат и ја прекинуваат комуникацијата, а трети се повлекуваат во себе и замолчуваат. Некои бираат да игнорираат и не се впуштаат во интеракција со оној кој се обидува да ги етикетира. Ние имаме право на свои чувства и начин на кој ги гледаме и проценуваме настаните во нашата околина. Не можеме да влијаеме на туѓите коментари, но можеме на своите одлуки и избори во врска со луѓето кои си даваат право да нé коментираат – дали ни се воопшто потребни, или со своите содржини само ни трошат драгоцено време и енергија.

Ако сме склони другите луѓе да ги означуваме со епитети за пречувствителност или „свиленост“, треба да бидеме подготвени и на нивна бурна реакција, прекин на комуникацијата, па и на самата релација.

Агресија, критика и отфрлање раѓаат агресија, критика и отфрлање. Од друга страна, ако кај себе препознаваме склоност кон етикетирање на другите луѓе, можеме да избереме да работиме на себе. Да истражиме како ги расипуваме релациите со луѓето наместо да ги градиме. Како бираме да ги повредуваме луѓето и да немаме обѕир кон нивните чувства, дури и да ги прозиваме поради тоа што го чувствуваат. Целта е да станеме свесни што правиме и како тоа го правиме. На тој начин учиме да преземаме одговорност за своите постапки и наместо да зависиме од сопствените импулсивни реакции, почнуваме да се потпираме на нашите свесни избори во релациите со другите луѓе.

Кристина Пота Радуловиќ

КОЛУМНИ

Ристо Цицонков

Базна електрична енергија да, ама не со слаб кадар и неприменети...

Далибор Ступар

Што се случи со Зелената агенда во Србија?

Рајко Пеколски

Во бестрага

Ричард Н. Хас

Поуките и наследството од 7 октомври

Различни перспективи за типот на мултиполаризација

Весна Попоска

Целта (не секогаш) ги оправдува средствата

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ