Групацијата Телеком Србија која меѓудругото е сопственик и на Арена спортските канали, ја зајакнува позицијата на регионалниот пазар.
„Групацијата Телеком Србија постигна договор за 100 проценти од акциите во Еон ТВ Интернешенл Лтд (холдинг компанија на Нет ТВ плус), бизнисот „директно до дома“ (DTH) во рамките на ЕонСат и Тотал ТВ во Србија и Северна Македонија, како и за одредени права, лиценци и други средства поврзани со каналите Спорт клуб за Западен Балкан за сума од 652 милиони евра“, се вели во соопштението.
Оваа трансакција е дел од стратегијата на Телеком Србија да изгради водечка телекомуникациска компанија на Западен Балкан со приходи кои ќе достигнат до три милијарди евра до 2030 година.
Целиот процес на продажба е предмет на регулаторни одобренија и се очекува да биде завршен во првата половина на 2025 година.
„Телеком Србија, како водечка телекомуникациска групација во Западен Балкан, се радува на можноста да ја зајакне својата понуда на ДТХ услуги и Интернет ТВ (IPTV/OTT) за пазарот на дијаспората на поранешна Југославија. Ја зголемуваме и разновидноста на спортските содржини кои ќе бидат достапни за уште поширока публика во Западен Балкан. Отсега нашите претплатници ќе можат да гледаат и да уживаат во каналите и на Арена Спорт и на Спорт клуб“, изјави извршниот директор на Телеком Србија, Владимир Лучиќ.