среда, 16 октомври 2024
Полицајци сведочеа на судењето за двојното убиството во Скопје и Велес

Таткото на Вања знаел дека е киднапирана и убиена, Кешишов и Манев кажале каде се закопани девојчето и Жежовски

Со испитување на сведоци на предлог на Обвинителството, во Основниот кривичен суд Скопје денеска продолжи судењето за двојното убиство на малолетната Вања Ѓорчевска и велешанецот Панче Жежовски.

Објавено на

часот

Сподели

Прв сведочеше Музафер Калишиќ, кој во времето на грабнувањето бил помошник-началник на СВР Скопје, и кој на 27 ноември 2023 година заедно со обвинетиот Александар Ѓорчевски, таткото на Вања го барале малолетното девојче.

Калишиќ кажа дека Ѓорчевски тој ден бил потиштен и конфузен и дека постојано зборувал дека џабе ја бараат ја бараат Вања затоа што таа е киднапирана и убиена и дека треба да бараат мафијаши што бараат откуп.

„Таткото Александар беше потиштен и конфузен. Беше конфузен во однос на тоа што го прашувавме, за тоа што би можела да биде причината за исчезнувањето на Вања. Ги контактиравме и роднините. Александар викаше ‘ајде, ајде да одиме да ја бараме’. Сите беа на терен, се поделивме со колегата, тој со мајката, јас со таткото и со роднина на Зорица”, сведочеше Калишиќ.

На прашање на обвинителката на кои локации ја барале Вања, Калишиќ одговори дека ја барале во скопската населба Капиштец, каде што мајката на Вања, Зорица Ѓорчевска имала стан.

„Мајката кажа дека има стан во Капиштец. Кога кажавме ќе одиме таму, Александар рече џабе ќе одиме, јас веќе бев таму. Со колата на Александар отидовме првин во подрумот, а потоа горе. Цело време Александар тврдеше дека џабе губиме време, дека ќерка му е киднапирана и убиена. Продолживме да бараме во Капиштец, тој цело време велеше ‘џабе барате’. Не сакаше да излезе од автомобилот. Го прашав зошто не излезе од колата, зашто и роднината на Зорица ме праша. Пак ми рече дека џабе бараме, киднапирана е и убиена. И, цело време тоа беше, ‘ајде да бараме и џабе бараме, убиена е’. Истото го коментираше и во колата. Го прашав зошто така смета дека детето му е киднапирано и убиено, дали должи пари, дали има закани, поврзан ли е со некои политичари, одговори негативно”, одговори Калишиќ.

Тој кажа дека следните денови останале во контакт со Александар, а потоа тој дошол во полиција „со некој Гоце Трајковски“, за кој кажал дека му е старо кумство, со кој не се виделе 20-тина години и кои подоцна му праќале снимки од безбеднонсни камери.

„Александар повеќе се интересираше за тоа што ние имаме во истрагата. Велеше да бараме мафијашки групи кои киднапираат и бараат откуп. Ми прати на пример една снимка од безбедносна камера од спротивната страна на зградата каде што живее Вања и која гледа право во влезот на зградата. Кога отидовме таму, кабелот на камерата беше исечен. Гоце многу снимки ни испрати, ќе издвојам една, од кола од бензинската пумпа во Велес. Тоа била колата на исчезнатиот Панче, за која ние во Скопје не знаевме и не знаевме сè уште дека случаите на Панче и Вања биле поврзани.Цивилно лице како Гоце, не може да симне снимки од безбедносна камера, односно да располага со нив. Ми кажа оти братучедот му работел на бензинската”, сведочеше Калишиќ.

Тој детално објаснуваше како дошле до местото каде што била убиена вања, а таму ги однел обвинетиот Влатко Кешишов, кој претходно беше уапсен поради сомнеж за исчезнувањето на Панче Жежовски.

„Нè однесе до запаленото возило, до ‘цитроенот’. Ние веќе знаевме за возилото. Таму разговаравме. Сакаше да каже нешто, па не сакаше, се премислуваше. Па рече, ајде ќе ве однесам. Возевме по негови насоки и рече излезете. Широк огромен простор, кој служи како депонија. Пак сакаше да каже нешто, па велеше не можам, не можам. Тргна кон возилото, па се врати и рече ајде. Каде одиме, го прашав. Ми посочи со главата, имаше перници, душеци. Не покажуваше со рака, со глава. Рече, ‘таму кај перниците’. Потоа продолжи ‘ама јас стоев 20-30 метри од нив’. Почнавме да копаме. Го замоливме да посочи каде точно. Посочи едно место. Рече, ‘тука ја фрлија’. Тогаш ме фати за рака и рече ‘мислам тука е маленкото. Кога прашав кое, рече тоа што го барате девојчето. Копавме сѐ додека не го видовме носот и едната нога и запревме“, сведочеше Калишиќ.

Поранешениот началник на СВР Велес, Ристе Самарџиев,  сега вработен во пилициската станица одговараше на прашања на Обвинителството првенствено за исчезнувањето на велешанецот Жежовски.

Појасни дека телефонот на Панче веднаш го лоцирале, односно не бил исклучен и зрачел во близина на бензиската пумпа кај Велес. Тој истакна дека деновите се прегледувале многу снимки, од патарини, граници, објекти, а потоа ги побарале и снимките од „Сејф сити“.

„Сепак беше пронајден по два -три дена, бидејќи беше непристапен терен. Прво се косеше и се расчистуваше теренот. Кога ги гледав сликите на Сејф сити помисливме дека можеби е жив, зошто поради лошиот квалитет на снимките, стар е системот, имаше човек во зелена јакна, а таков беше и описот на Панче. Колегите од Скопје не известија дека возилот е најдено опожарено. Тогаш помисливме дека лицето е ликвидирано. Инаку, парче од мобилниот телофон од девојчето Вања беше пронајдено во возилото на Панче“, кажа Самарџиски пред судот.

Тој кажа дека откако обвинетиот Велибор Манев бил уапсен ѝ кажал на полицијата каде се закопани Вања и Панче.

„Велибор кажа дека се виновници. Кажа каде е местото каде што е закопана Вања. Потоа ни кажа и за Панче. Тој кажуваше каде да се движиме и каде е закопан Панче. Тоа место нема шанса да го најдете доколку не ви го покаже некој. Кажа дека биле заедно сите четворица, а дека Палевски пукал во него. Дупката беше три метри. Викнавме пожарна да ни помогне да го извадиме телото, дупката беше прилично голем“а, рече сведокот кој додаде дека била пронајдена и една чаура до дупката.

Во случајот на двојното убиство на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски, првообвинет е Љупчо Палевски, а покрај таткото на убиената Вања, Александар Ѓорчевски, обвинети соизвршители за две свирепи убиства се и Влатко Кешишов, Боре Видевски и Велибор Манев.

Според обвинението, прво на 22 ноември 2023 обвинетите го грабнале Панче Жежовски во Велес, со намера да го присилат да им го даде сопственото возило цитроен за да го користат за грабнување на детето во Скопје.

Обвинетите отишле до куќата на Жежовски, физички го совладале и го врзале, а потоа го ставиле во багажникот и се упатиле до местото викано Рудник во околината на Велес, каде од користољубие и на свиреп начин, со умисла го убиле со пиштол со калибар 9 милиметри.

На 27 ноември 2023, обвинетите и осомничениот, помогнати од четвртиот обвинет, таткото на Вања, извршиле грабнување на девојчето во влезот од зграда на улицата Наум Наумовски Борче во Дебар Маало во Скопје по што ја однеле надвор од градот и ја убиле.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ