вторник, 22 октомври 2024

Таен состанок на шефовите на светските шпионски служби

Објавено на

часот

Сподели

Ваквите состаноци ги организира владата на Сингапур и веќе неколку години се одржуваат дискретно на посебна локација паралелно со безбедносниот самит, велат извори од британската агенција. За средбите претходно не се известуваше.

Соединетите Американски Држави ги претставуваше директорката на Националното разузнавање Аврил Хејнс, а Кина беше исто така претставена и покрај тензиите меѓу двете велесили.

На состанокот присуствуваше и Самант Гоел, шеф на индиската служба за надворешно разузнавање, јавил еден индиски извор.

„Средбата е важен настан на меѓународната агенда во сенка“, изјави упатено лице во дискусиите. „Со оглед на тоа кои земји се вклучени, тоа не е фестивал на занаети, туку начин на промовирање подлабоко разбирање на намерите и резултатите.“

Изворот додал дека меѓу разузнавачките служби постои премолчан кодекс дека можат да разговараат кога поформалната и отворена дипломатија е отежната.

„Тоа е многу важен фактор во време на тензија, а настанот во Сингапур помага тоа да се промовира.“

Пет извори на Ројтерс што ги коментираа состаноците одбија да бидат идентификувани поради деликатноста на темата.

Портпаролот на Министерството за одбрана на Сингапур рече дека учесниците на самитот Шангри-Ла дијалог, вклучително и високи претставници на разузнавачката агенција, исто така ја користат можноста да се сретнат со своите колеги.

„Министерството за одбрана на Сингапур може да олесни некои од овие билатерални или мултилатерални состаноци“, рече портпаролот. „Учесниците сметаат дека ваквите средби одржани на маргините (на дијалогот) се корисни“.

САД, Велика Британија, Канада, Австралија и Нов Зеланд управуваат со мрежата „Пет очи“, која собира и споделува широк опсег на разузнавачки информации, а нивните разузнавачки службеници често се среќаваат. Поголемите состаноци на разузнавачката заедница се поретки и речиси никогаш не се известува за нив, според Ројтерс.

Иако се достапни малку детали за конкретни дискусии во Сингапур, војната во Украина и транснационалниот криминал беа меѓу темите за кои се разговарало во петокот, рече еден од изворите. Шефовите на разузнавањето одржале неформален состанок во четвртокот навечер.

Ниту еден руски претставник не беше присутен, рекол еден од изворите. Заменик-министерот за одбрана на Украина, Володимир Хаврилов, учествуваше во дијалогот Шангри-Ла, но рече дека не присуствувал на состанокот на разузнавачите.

Друг извор рекол дека тонот на состанокот бил кооперативен и дека немало конфронтација.

На главниот безбедносен дијалог, повеќе од 600 делегати од 49 земји одржале тридневни пленарни седници, како и билатерални и мултилатерални состаноци зад затворени врати во хотелот „Шангри-Ла“.

Австралискиот премиер Ентони Албаниз го одржал воведното обраќање, а говореле и американскиот секретар за одбрана Лојд Остин, кинескиот министер за одбрана Ли Шангфу и колеги од Британија, Јапонија, Канада, Индонезија и Јужна Кореја.

Аврил Хејнс била меѓу официјалните американски делегати на дијалогот Шангри-Ла. На дискусијата за сајбер-безбедноста, на прашање од кинески воен офицер таа одговорила дека соработката меѓу земјите е од клучна важност.

„Апсолутно е клучно, дури и кога има недоверба, па дури и кога всушност се соочувате со противници, сè уште се обидувате да соработувате за прашања од заеднички интерес и да се обидувате да ја зауздате можноста за ескалација“, рекла Хејнс.

Американски официјални лица во петокот рекле дека директорот на ЦИА, Вилијам Барнс, ја посетил Кина минатиот месец и разговарал со кинески официјални претставници како дел од напорите на администрацијата на Џо Бајден за зајакнување на комуникацијата со Пекинг.

Кинескиот министер за одбрана на самитот за безбедност во неделата рекол дека конфликтот со САД би бил „неподнослива катастрофа“, но дека неговата земја се стреми кон дијалог. Ли рече дека светот е доволно голем и за Кина и за САД и двете суперсили треба да се обидат да најдат заеднички јазик. Ова тој го кажа неколку дена откако одби директни разговори со американскиот колега.

„Кина и САД имаат различни системи и се разликуваат на многу начини“, рече Ли во своето прво големо меѓународно обраќање откако беше именуван за кинески министер за одбрана во март.

„Сепак, тоа не треба да ги спречи двете страни да бараат заеднички јазик и интереси за зајакнување на билатералните врски и продлабочување на соработката“, рече Ли. „Неоспорно е дека некаков сериозен конфликт или конфронтација меѓу Кина и САД би бил неподнослива катастрофа за светот.“

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ