вторник, 22 октомври 2024

Таџикистан, земја со 96 отсто муслимани, го забрани хиџабот

Таџикистан донесе закон за забрана на носење хиџаб. Станува збор за последниот во низата 35 опсежни закони поврзани со религијата. Властите тврдат дека целта е „заштита на националните културни вредности“ и „спречување на празноверието и екстремизмот“.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Законот, кој минатиот четврток го одобри горниот дом на парламентот, забранува носење „странска облека“, вклучувајќи го хиџабот, покривката за глава која ја носат муслиманките. Наместо тоа, граѓаните на Таџикистан се поттикнуваат да ја носат таџикистанската народна носија.

Оние кои го кршат законот ќе бидат казнети од 700 евра за обични граѓани, 4.500 евра за владини службеници, до околу 5.000 евра за верски лица.

На некои оваа одлука им е изненадувачка бидејќи централноазиската земја од околу 10 милиони жители има 96 отсто муслимани, според последниот попис од 2020 година. Меѓутоа, новите закони се одраз на политичката линија која ја води земјата од 1997 година.

Со Таџикистан владее доживотниот претседател Емомали Рахмон. По мировниот договор со кој заврши петгодишната граѓанска војна во 1997, Рахмон најде начин да коегзистира со опозициската Таџикистанска партија на исламското воскреснување (ТИДП).

Според договорот со посредување на ОН, претставниците на прошеријатската ТИДП добија 30 отсто од владата, а ТИДП стана прва постсоветска политичка партија во централна Азија заснована на исламски вредности, а го претставуваше муслиманското мнозинство во парламентот.

Меѓутоа, Рахмон успеа да ја истисне ТИДП од власта и покрај тоа што партијата со време стана посекуларна. Во 2015 успеа целосно да ја затвори ТИДП поради тоа што партијата наводно помогнала во неуспешниот обид за државен удар.

Во меѓувреме вети дека ќе се соочи со се што има „екстремистичко влијание“ врз граѓаните. Во 2009 беше воведена забрана за хиџаб во јавните институции, вклучувајќи ги универзитетите и владините згради.

Иако во Таџикистан не постојат законски ограничувања за брада, повеќе извештаи наведуваат дека полицијата присилно бричела мажи со долги бради, што се смета за потенцијален знак за екстремистички верски погледи.

Со законот за родителска одговорност, кој стапи на сила во 2011, се казнуваат родителите кои децата ги испраќаат на веронаука во странство, а според истиот закон на помладите од 18 години им е забранет влез на верски објекти без дозвола.

Во изјава на Таџикистанскиот одбор за верски прашања од 2017 се наведува дека 1.938 џамии се затворени за само една година, а местата за богослужба се претворени во чајџилници и медицински центри.

За најновите закони се тврди дека се поттикнати од смртоносниот напад во концертната сала во предградието на Москва. Четворицата напаѓачи кои ги уапсија руските полициски сили имаа таџикистански пасоши.

Рахман претходно зборуваше дека целта му е да го направи Таџикистан „демократски, суверен, заснован на законот и секуларен“. „Не ја заборавајте сопствената култура“, знае да истакне тој.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ