Тој наведе дека вработените во СЗО овој викенд првпат од октомври минатата година можеа да ги посетат болниците Ал Авда и Камал Авдан во Газа и истакна дека тоа што го виделе таму било „мрачно“.
Недостигот на храна минатата недела предизвика смрт на десет деца и доведе до тешки нивоа на потхранетост, а болничките згради се уништени, кажа Гебресезус, пренесува Би-би-си.
Министерството за здравје во Газа извести во неделата дека најмалку петнаесетина деца умреа од неисхранетост и дехидрација во болницата Камал Адван, а палестинската агенција Вафа денеска објави дека 16-то дете умрело од глад во болницата во јужниот град Рафа.
Тедрос извести за „сериозни нивоа на потхранетост, за деца што умираат од глад, за сериозен недостиг на гориво, храна и на медицински потреби, како и за уништени болнички згради“ во северна Газа, каде што се проценува дека 300.000 луѓе живеат со недоволни количества храна и вода за пиење. .
Дека гладот во Појасот Газа „практично е неизбежен“ минатата недела предупредија и Обединетите нации.
Висок службеник на ОН за хуманитарна помош наведе дека најмалку 576.000 луѓе во Појасот Газа, што е четвртина од населението, се соочува со катастрофално ниво на недостиг на храна и дека секое шесто дете помладо од две години на северот страда од акутна неисхранетост.
По повод на катастрофалната ситуација во Газа реагираше и генералната директорка на Уницеф за Блискиот Исток Адел Кодр, која рекла дека гледаме „умирање на деца поради глад, додека неисхранетоста го пустоши Појасот Газа“.
„Овие трагични и ужасни смрти се предизвикани од човечка рака, а беа предвидливи и беше можно да се спречат“, реча Кодр.
Откако израелската војска почна голема воздушна и копнена кампања на Газа убиени се повеќе од 30.500 луѓе, главно жени и деца.