Некои од најважните поддржувачи на Украина, меѓу кои и претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лаен и канадскиот премиер Џастин Трудо, беа меѓу посетителите што на железничката станица беа пречекани од украинскиот министер за надворешни работи, Андриј Сибиха, и шефот на кабинетот на претседателот, Андриј Јермак.
Во објава на Икс, Фон дер Лаен напиша дека Европа е во Киев „бидејќи Украина е во Европа“.
https://www.youtube.com/watch?v=Sdr1kT70Bpk
„Во оваа борба за опстанок, не е загрозена само судбината на Украина. Загрозена е судбината на Европа“, напиша таа.
Украинските и европските функционери се загрижени поради срдечниот пристап на американскиот претседател Доналд Трамп кон рускиот претседател Владимир Путин и неговите остри зборови за украинскиот претседател Володимир Зеленски, вели АП.
Во меѓувреме, трупите на Путин бележат постојан напредок на бојното поле додека Украина се бори со недостиг од војници и оружје.
Гостите, меѓу кои и претседателот на Европскиот совет, Антонио Коста, како и премиерите на северноевропските земји и на Шпанија, треба да присуствуваат на настани посветени на годишнината и да разговараат со Зеленски за понатамошна поддршка за Украина.
Промената во политиката на Вашингтон го вклучи алармот во Европа, каде што владите се плашат дека Трамп ќе ги маргинализира во напорите да се постигне мировен договор и размислуваат како би можеле да го надоместат недостигот од американска помош за Украина.
Коста во неделата најави дека ќе свика итен самит на 27-те лидери на ЕУ во Брисел на 6 март, а главна на агендата ќе биде Украина.
„Живееме во дефинирачки момент за Украина и европската безбедност“, рече тој во објава на социјалните мрежи.
Британскиот премиер Кир Стармер и францускиот претседател Емануел Макрон ќе го посетат Вашингтон оваа недела.
Највисокиот дипломат на ЕУ, Каја Калас, инсистираше дека САД не можат да склучат никаков мировен договор за ставање крај на војната без да бидат вклучени Украина или Европа. Таа ги истакна, како што тврди, проруските позиции што ги зазема администрацијата на Трамп.
„Со Путин можете да разговарате што сакате. Но ако станува збор за Европа или за Украина, тогаш Украина и Европа исто така треба да се согласат со овој договор“, им рече Калас на новинарите во Брисел, каде што претседава со состанокот на министрите за надворешни работи на ЕУ.
Калас утре патува за Вашингтон на разговори со американскиот државен секретар Марко Рубио.
Генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш, рече дека третата годишнина е „мрачна пресвртница“.
„Повеќе од 12.600 цивили загинаа, а многу повеќе се повредени. Цели заедници се претворени во урнатини. Уништени се болници и училишта“, рече тој во Женева.