„Не можам да одам во Москва кога мојата земја е под ракети, под напади, секој ден. Не можам да одам во главниот град на овој терорист. Тој може да дојде во Киев“, изјави Володимир Зеленски во интервју за американската Еј-би-си њуз, на локацијата на американски производствен погон во западна Украина, кој неодамна беше цел на руски ракетен напад.
Путин во средата изјави дека никогаш не бил против средба со Зеленски, пренесува Еј-би-си њуз, додавајќи дека рускиот претседател го поканил својот украински колега да дојде во Москва доколку е подготвен за тоа.
Зеленски оцени дека понудата на Путин има за цел да го одложи состанокот, инсистирајќи дека тој самиот (Зеленски) е подготвен за средба во кој било формат.
„Ако некој не сака да се сретнеме за време на војната, се разбира, може да предложи нешто што не може да биде прифатливо ниту за мене, ниту за другите“, рече Зеленски.
Еј-би-си њуз наведува и дека американскиот претседател Доналд Трамп ја поставил средбата меѓу лидерите на Русија и Украина како свој приоритет во напорите да посредува во постигнувањето мировен договор.
„Може да се случи трилатерален состанок. За билатерален, не знам“, рече Трамп минатата недела.
Германскиот канцелар Фридрих Мерц изјави дека е „јасно“ дека директна средба меѓу Путин и Зеленски нема да се одржи.
Министерот за надворешни работи на Украина, Андриј Сибиха, неделава на социјалната мрежа Икс напиша дека Австрија, Ватикан, Швајцарија, Турција и трите држави од Персискиот Залив се подготвени да бидат домаќини на мировните преговори на кои би присуствувал Зеленски.






