На новинарско прашање како го коментира тоа што Кина воведе царини за САД од 84 отсто и како тоа ќе се одрази на светот, но и на Србија, тој рече дека доаѓаат тешки времиња и дека мора да се подготвиме за нив и да научиме како да реагираме.
„Добро е што имаме еден голем сојузник во Европа, како што е Франција. Верувам дека ова е важно. Франција работи и верувам дека ќе продолжи да работи на смирување на ситуацијата во Украина. Разговаравме и за Западен Балкан, ситуацијата во регионот. Имав свои иницијативи поврзани со Република Српска и Босна и Херцеговина, така што зборувавме за сè. Зборував се разбира и за ситуацијата во Србија. Горд сум на фактот дека на мирен и демократски начин издржавме буквален терор во последните четири месеци“, рече Вучиќ.
Тој додаде дека ситуацијата во светот е сè покомплицирана и потешка, но оти верува дека со поддршка, соработка и сојуз со пријателите „ќе успееме да направиме и промениме многу“.
Претседателот Вучиќ рече дека за време на разговорот, кој траел повеќе од два часа, тој и францускиот претседател Емануел Макрон уште еднаш ги констатирале добрите српско-француски односи, како и дека разговарале за многу теми и што треба заедно да направат во наредниот период.
„Разговаравме за многу прашања, европската иднина на Србија, верувам дека ќе добиете изјава од претседателот Макрон во врска со Експо. Ја замолив Франција да учествува на Експо 2027 и мислам дека ќе добиеме позитивен одговор во формална смисла“, изјави Вучиќ на новинарите по работниот ручек што во негова чест го приреди францускиот претседател.
Вучиќ изјави дека е задоволен од разговорот и се надева дека ќе донесе добри резултати за Србија.
Тој додаде дека разговарале и за геополитички прашања и билатералната соработка.
Вучиќ потсети дека Србија купила суперкомпјутер од француската компанија Атос вреден 50 милиони евра и изјави дека во наредните денови очекува плаќање на втората рата за „рафал“ од 411 милиони евра.
Разговаравме и за дополнителни инвестиции на француски компании во Србија, како да се реши проблемот со американските даноци за да не се одразат на Мишелиновата фабрика и на некои други фабрики во нашата земја“, рече Вучиќ.