четврток, 17 април 2025

Владата на Доминиканската Република објави извештај: 221 лице загина во уривањето на покривот на ноќниот клуб Џет сет

Владата на Доминиканската Република објави извештај за уривањето на покривот на ноќниот клуб претходно оваа недела, при што загинаа најмалку 221 лице, но во извештајот не се објаснети причините за трагедијата и се очекува тим од домашни и меѓународни експерти да ја продолжи истрагата, пренесува Ројтерс.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Трагедијата се случи во градот Санто Доминго во вторникот нешто по полноќ во преполниот ноќен клуб Џет сет за време на настапот на пејачката Руби Перез, која е меѓу загинатите.

Повеќе од 4.500 работници за итна помош биле распоредени на местото на настанот, кои работеле речиси 59 часа по трагедијата во потрага по преживеаните, на извлекување на телата и помош за семејствата.

Од урнатините се спасени 189 лица, а 17 од нив сè уште се во болница, соопшти Националната здравствена служба.

Оперативниот центар за вонредни ситуации соопшти дека салата била полна, иако точниот број на присутни не е познат, а причината за уривањето сè уште се истражува.

Локалните медиуми и сајтовите за продажба на билети укажуваат дека клубот можел да прими помеѓу 700 и 1.000 луѓе.

Националниот институт за судска патологија сè уште работи на идентификување на жртвите и враќање на посмртните останки на нивните роднини.

Претседателот на Доминиканската Република Луис Абинадер треба да присуствува на комеморацијата во спортскиот центар Полидепортиво Де Хаина оваа недела, последниот ден од периодот на националната жалост.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ