недела, 14 декември 2025

Трамп: ЕУ треба да воведе царини до 100% за стоки од Кина и Индија

Претседателот на САД Доналд Трамп ја повика Европската Унија да воведе царини до 100% за стоки од Кина и Индија. Предлогот има за цел да го принуди рускиот претседател Владимир Путин да ја прекине војната во Украина, изјави за Би-би-си извор запознаен со дискусиите.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Барањето, за кое првпат објави Фајненшл тајмс, беше изнесено за време на состанокот на американски и европски претставници во вторник, на кој беа разгледани начините за зголемување на економскиот притисок врз Русија.

Предлогот доаѓа во време кога Трамп се обидува да посредува во мировен договор меѓу Москва и Киев, а руските напади врз Украина се интензивираат. Трамп исто така пред новинарите во вторник најави дека планира да разговара со Путин по телефон оваа недела или на почетокот на следната недела.

Во текот на викендот, руска ракета ја погоди главната зграда на украинската влада во Киев, што се смета за симболичен чин и значајна ескалација на агресијата на Кремљ. Нападите низ целата земја во текот на викендот беа најсилното воздушно бомбардирање од почетокот на војната, при што Украина објави дека руските сили користеле најмалку 810 дронови и 13 ракети.

Во вторник, во напад со руска воздушна бомба во источниот регион Донбас загинаа повеќе од 20 цивили додека чекаа во ред за да земат пензии.

По бомбардирањето за време на викендот, Трамп им рече на новинарите дека „не е среќен од целата ситуација“ и му се закани на Кремљ со построги санкции. Иако американскиот претседател и претходно се заканувал со построги мерки против Русија, досега не презема конкретни чекори и покрај тоа што Путин ги игнорираше неговите рокови и закани.

Долгоочекуваниот самит на лидерите во Алјаска минатиот месец заврши без мировен договор. Барањето на Трамп до Европската Унија следува по изјавите на американскиот министер за финансии Скот Бесент кој рече дека Вашингтон е подготвен да го зголеми економскиот притисок, но дека му е потребна посилна европска поддршка.

Трамп во вторник исто така изјави дека САД и Индија „продолжуваат да преговараат за решавање на трговските бариери“ меѓу двете земји. На својата платформа Трут соушл, објави дека планира да разговара со индискиот премиер Нарендра Моди во наредните недели и дека очекува „успешен заклучок“ на трговските преговори.

Како одговор на објавата, Моди го повтори оптимизмот на Трамп за успехот на разговорите, истакнувајќи дека двете земји се „блиски пријатели и природни партнери“. „Нашите тимови работат на што е можно поскоро завршување на дискусиите. Исто така, со нетрпение очекувам да разговарам со претседателот Трамп“, додаде Моди.

Кина и Индија се клучни купувачи на руска нафта, со што помагаат во одржувањето на руската економија. Минатиот месец, САД воведоа царина од 50 проценти на стоките од Индија, што вклучуваше и казна од 25 проценти за нивните трансакции со Русија.

Иако ЕУ објави дека ќе ја прекине својата зависност од руските енергенти, околу 19 проценти од увезениот природен гас сè уште доаѓа од Русија. Доколку ЕУ воведе царини за Кина и Индија, тоа би претставувало промена во пристапот на изолација на Русија, кој досега се базираше на санкции, а не на трговски давачки.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ