вторник, 6 мај 2025

Повеќе од 20 убиени во терористички напад врз туристи во индиски Кашмир

Милитанти вчера отворија оган врз туристи на индиската територија Џаму и Кашмир при што убија најмалку 26 лица, соопштија локалните власти, пренесоа агенциите. Нападот се случи во Пахалгам, на околу 90 километри од Шринагар.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Тоа е популарна дестинација во тој планински регион каде што масовниот туризам заживеа, особено во лето, откако исламистичкото насилство се намали во последните години.

Индискиот министер за внатрешни работи Амит Шах го опиша нападот како „одвратен терористички чин“, без да даде информации за сторителите, пренесува дпа. Напаѓачите отворија оган врз туристи, убивајќи најмалку 26 лица, според извештаите на индиската телевизија НДТВ и весникот Грејтер Кашмир, повикувајќи се на локални власти.

Повеќето од загинатите се туристи, наводно од различни региони на Индија. Извештаите велат дека има голем број ранети, а некои се во критична состојба.

Нападот се случил на ливада оддалечена од патот и го извршиле двајца или тројца милитанти, објави весникот Индијан експрес, повикувајќи се на неименуван полицаец.

„Бројот на убиените сè уште се утврдува, така што не сакам да навлегувам во тие детали“, објави премиерот на Џаму и Кашмир Омар Абдула на Икс. „Се разбира, овој напад е многу поголем од било што насочено против цивили што го видовме во последните години“.

Одговорноста за нападот ја презеде слабо познатата милитантна група Кашмирски отпор. Во објава на социјалните мрежи, групата изрази незадоволство што повеќе од 85.000 „странци“ се преселиле во регионот, што предизвикало „демографска промена“. „Според тоа, насилството ќе биде насочено против оние кои се обидуваат илегално да се доселат“, велат од групата.

Ројтерс не можеше независно да ја потврди пораката. Регионалната влада му соопшти на своето собрание овој месец дека речиси 84.000 луѓе од други делови на Индија добиле право на престој на територијата во изминатите две години.

Индискиот премиер Нарендра Моди вети на Икс дека одговорните за нападот ќе бидат изведени пред лицето на правдата. Индискиот министер за внатрешни работи Шах рече дека ќе одржи безбедносен состанок во Кашмир.

Белата куќа објави дека американскиот претседател Доналд Трамп бил свесен за нападот и дека ќе разговара со Моди „што е можно поскоро“. Портпаролот на Белата куќа го опиша како „брутален терористички напад“.

Во 2019 година, Индија му го одзеде специјалниот статус на Кашмир и ја подели државата на две федерално администрирани територии – Џаму и Кашмир и Ладах. Локалните власти можат да им дадат право на престој на доселениците, што им овозможува да се вработат и да купат земјиште.

Ова доведе до влошување на односите со Пакистан, кој исто така има право на регионот. Спорот предизвика големо непријателство и воен конфликт меѓу двете нуклеарни сили.

Нападите врз туристи во Кашмир се намалени. Последниот се случи во јуни 2024 година, кога автобус со хинду аџии слета во длабока клисура поради напад од милитанти. Најмалку девет лица загинаа, а 33 беа повредени.

Според индиските безбедносни агенции, некои големи напади во екот на бунтот се совпаѓаат со посетите на високи странски претставници на Индија за да го привлечат вниманието кон Кашмир.

Денешниот напад се случи еден ден откако американскиот потпретседател Џеј Ди Венс ја започна четиридневната, главно приватна посета на Индија.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ