„Под маската на одбранбени мерки, Хелсинки се упатува кон конфронтација, се подготвува за војна со Русија, очигледно подготвува отскочна даска за напад врз нас“, напиша Медведев во статија објавена од државната новинска агенција Тас.
Финска се приклучи на НАТО во 2023 година, по децении неутралност по Втората светска војна. Медведев го наведе нејзиното учество во неодамнешните воени вежби на НАТО како „доказ“ за намерите на Финска и предупреди дека конфронтацијата „може да доведе до тоа засекогаш да исчезне финската државност“.
„За разлика од 1944 година, овој пат никој нема да биде попустлив кон нив“, додаде тој.
Тој исто така го критикуваше отворањето на командниот центар на НАТО во финскиот град Микели, на околу 240 километри од Санкт Петербург. Иако Медведев е познат по својата остра и често апокалиптична реторика, ова е прв пат од почетокот на руската инвазија на Украина во 2022 година, висок руски функционер директно да обвини одредена членка на НАТО.
Неговите закани доаѓаат откако сателитските снимки покажаа дека Русија гради нови воени бази во близина на финската граница. И Москва и Хелсинки ја зајакнуваат својата одбрана, а финските власти ја обвинија Русија дека ги насочува мигрантите кон границата како дел од „хибридна операција“.
📄 Deputy Chairman of Russia’s Security Council @MedvedevRussiaE:
The Finnish establishment mustn’t forget: confrontation with Russia can lead to collapse of Finnish statehood – this time forever.
❗️Unlike in 1944, no one will go soft on them this time.https://t.co/pPLmBR5L0P pic.twitter.com/WBvS3HMHac
— MFA Russia 🇷🇺 (@mfa_russia) September 10, 2025
Кремљ не се спротивстави отворено на влегувањето на Финска во НАТО, но се закани дека ќе одговори ако алијансата распореди војници или воена инфраструктура таму.
Во својот говор Медведев исто така се осврна на лажните тврдења на Путин дека Украина е „нацистичка држава“, алудирајќи на историската употреба на свастиката од страна на финските воздухопловни сили. Симболот, воведен во 1918 година како знак на среќа, беше укинат за да се избегнат „непријатни ситуации“ на меѓународни настани, соопштија финските воздухопловни сили.
Медведев во јули изјави дека Русија мора да биде подготвена за „превентивни напади“ врз западните земји. Од почетокот на војната во Украина, Москва речиси ги дуплираше своите воени трошоци, на повеќе од 6 проценти од БДП.
Во исто време, Русија и нејзиниот сојузник Белорусија најавија заеднички воени вежби од 12 до 16 септември во близина на полската и литванската граница. Вежбите се одржуваат на секои четири години од 1999 година, но ова е прв пат од 2022 година. Тие ќе вклучуваат сценарија за употреба на нуклеарно оружје, како и тестирање на руската хиперсонична ракета Орешник, објави Минск.
Во услови на зголемени тензии, финскиот претседател Александар Стаб редовно разговара со американскиот претседател Доналд Трамп за да го убеди да заземе построг став кон Москва.
„Се обидуваме да објасниме дека на Путин не може да му се верува“, изјави Стаб во Хелсинки завчера, за време на средбата со новиот полски претседател Карол Навроцки.






