недела, 14 декември 2025

Катарскиот премиер: Израелскиот напад ја уништи секоја надеж за ослободување на заложниците во Газа

Катарскиот премиер Мохамед бин Абдулрахман Ал-Тани вчера изјави дека неговиот израелски колега Бенјамин Нетанјаху мора да биде изведен пред лицето на правдата откако израелскиот напад врз лидерите на Хамас во Доха во вторникот „ја уништи секоја надеж“ за ослободување на заложниците во Газа.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Ал-Тани додаде дека Катар „преиспитува сè“ во врска со својата улога како посредник во досега неуспешните преговори насочени кон прекин на огнот во конфликтот предизвикан од нападот на Хамас на 7 октомври 2023 година. Во вторникот, израелските воздухопловни сили ги нападнаа лидерите на Хамас кои се состануваа во комплекс во Доха, главниот град на сојузникот на САД кој редовно организира разговори.

„Мислам дека она што го направи Нетанјаху е дека ја уништи секоја надеж за заложниците“, изјави Ал-Тани за Си-ен-ен, додавајќи дека Нетанјаху „мора да биде изведен пред лицето на правдата“. Нападот исто така предизвика ретка критика од американскиот претседател Доналд Трамп, близок сојузник на Израел, кој рече дека е „многу незадоволен“ од тоа и дека потегот е неразумен.

Нетанјаху ги предупреди катарските власти: „Им велам на Катар и на сите нации што ги засолнуваат терористите: мора или да ги протерате или да ги изведете пред лицето на правдата. Бидејќи ако вие не го сторите тоа, ние ќе го сториме“. Хамас, кој е во војна со Израел во Појасот Газа, тврди дека неговите високи функционери преживеале, но дека шест лица биле убиени во израелските напади.

Израел, кој вети дека ќе го уништи исламистичкото движење и ќе го протера од палестинската територија од која го започна нападот на 7 октомври 2023 година, го десеткуваше своето раководство од почетокот на војната. Како одговор на нападот на Хамас, израелската армија започна разорна офанзива во Појасот Газа, при што уби десетици илјади луѓе и предизвика хуманитарна катастрофа.

Вчера, израелскиот министер за одбрана Израел Кац предупреди дека неговата земја ќе ги нападне своите непријатели насекаде. „Безбедносната политика на Израел е јасна: долгата рака на Израел ќе дејствува против своите непријатели каде и да се наоѓаат. Нема место каде може да се скријат“.

„Доколку убијците и силувачите на Хамас не ги прифатат условите на Израел за завршување на војната – пред сè ослободување на сите заложници и разоружување – ќе бидат уништени, а Газа ќе биде разорена“, додаде тој.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ