„Имам намера јасно да му ставам до знаење на Советот: терористите нема да имаат имунитет – ниту во Газа, ниту во Либан, ниту во Катар“, рече Данон на мрежата Икс.
Израелскиот амбасадор во САД Јехиел Лајтер исто така, предупреди дека Израел ќе продолжи да го таргетира Хамас „каде и да е“.
Тој во изјава за Фокс њуз синоќа рече дека „доколку израелската војска промаши некои цели за време на нападот во Доха, следниот пат ќе ги погоди“.
Израел изврши напад врз лидерите на Хамас во Доха, Катар, во вторник попладне.
Израелските медиуми објавија дека нападот е извршен со употреба на 15 израелски борбени авиони, кои испукале 10 ракети кон една цел.
Хамас соопшти дека петмина негови членови се убиени, но тврди дека неговото врвно раководство преживеало.
Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху изјави дека нападот бил „целосно оправдан“ бидејќи бил насочен кон високи лидери на Хамас кои го оркестрирале нападот врз Израел на 7 октомври 2023 година, што ја предизвика војната во Газа.
Хамас изјави дека нападот претставува „грозоморно злосторство, јасен чин на агресија и очигледно кршење на сите меѓународни норми и закони“.
Катар изјави дека нападот бил „јасно кршење“ на меѓународното право и претставувал „сериозна закана“ за народот на Катар.
Американскиот претседател Доналд Трамп вчера изјави дека „не е воодушевен од тоа како сè се одвивало денес“.
Тој рече дека дознал за нападот од американската војска додека нападите биле во тек.
Тој исто така рече дека елиминирањето на Хамас е „вредна цел“.
Лидерите на Велика Британија, Франција, Турција, Германија, Шпанија, претставници на ЕУ и ОН го осудија нападот.
Постојаната мисија на Јужна Кореја, која претседава со Советот за безбедност на ОН во септември, изјави дека телото ќе се состане денес во врска со израелскиот напад врз Катар.






