„Веќе разговаравме со украинската страна за инвестиции во пресретнувачи на дронови, но сега сме уште повеќе заинтересирани за нив“, изјави европски воен дипломат за Киев индепендент, кој сакаше да остане анонимен. „Мораме да бидеме подготвени за војна, па затоа е крајно време да учиме од Украина“, додаде тој.
Само неколку часа по нападот, украинската консултантска фирма „Триада трејд партнерс“ забележа пораст на барањата од Европа за пресретнувачи на дронови и системи за електронско војување. Богдан Попов, раководител на аналитичкиот оддел на фирмата, потврди дека барањата дошле не само од Полска, туку и од компании во Германија, Данска и балтичките држави.
„Русија покажа дека не се плаши директно да нападне земја од НАТО. Затоа, земјите од НАТО сега бараат решение“, рече Попов. „Најголема побарувачка има за новите пресретнувачи на дронови што Украина ги произведе пред околу три месеци и кои првпат ги покажа претседателот Володимир Зеленски.“
Европските земји во голема мера се неподготвени за војна со беспилотни летала, поради што се свртуваат кон Украина за решенија, која има огромно искуство. Проблемот лежи во фактот што на западните земји им недостасува евтина технологија за соборување беспилотни летала, бидејќи се снабдиле со скапо оружје дизајнирано за прецизни удари врз вредни цели како што се крстосувачки и балистички ракети.
За време на нападот на 10 септември, што доведе до првиот ангажман на НАТО со руската војска од почетокот на инвазијата, беа користени „полски Ф-16, холандски Ф-35, италијански АВАКС, германски „патриоти“ и повеќенаменски танкер на НАТО“, според генералниот секретар на НАТО, Марк Руте. Ракетите „сајдвајндер“, кои чинат околу 400.000 долари по парче, биле користени за соборување на евтините руски беспилотни летала, кои наводно чинат околу 10.000 долари.
Од друга страна, украинската флота на пресретнувачи на дронови се состои од модифицирани квадрокоптери кои достигнуваат брзини и височини значително повисоки од стандардните ФПВ дронови. Според производителот, цената на еден таков дрон е околу 5.000 долари.
Секој е опремен со експлозивно полнење кое се активира во близина на целта и го соборува од небото. Овие дронови веќе активно се користат за уништување на повеќето руски дронови.
Иако интересот на странските компании и војската расте, постои и одредена доза на сомнеж кај украинските производители. „Добиваме барања од целиот свет“, рече основачот на Вајлд хорнетс, фондот што го произведува дрон-пресретнувачот „стинг“.
„Но, знаеме дека најверојатно е прикриена индустриска шпионажа за да се добие готово решение.“ Теоретски, Украина може да извезува дронови, но само со дозвола од владината Канцеларија за контрола на извозот, која не ги открива своите стандарди.
Попов верува дека ако се зголеми меѓународната побарувачка, Киев би можел да дозволи поголем извоз на одбранбени производи, особено во соседните земји. „Никој не знае денес што ќе се случи утре. Украина е најдоброто решение за сите прашања за тоа како да се бориме против Русија и да се одбраниме од нејзините воздушни напади“, заклучи тој.






