четврток, 24 април 2025

Три милиони деца починале поради отпорност на антибиотици во 2022 година

Повеќе од три милиони деца ширум светот починале во 2022 година од инфекции кои биле отпорни на антибиотици, покажа студијата на двајца водечки експерти за здравјето на децата, објави Би-би-си.

Илустрација: Пиксабеј

Објавено на

часот

Сподели

Децата во Африка и Југоисточна Азија се изложени на најголем ризик, според истражувањето. Антимикробната отпорност се развива кога микробите кои предизвикуваат инфекции еволуираат така што антибиотиците повеќе не делуваат на нив.

Утврдено е дека тоа е една од најголемите закани за јавното здравје во светот. Новото истражување покажа колку деца плаќаат данок поради отпорноста на микробите на антибиотици.

Користејќи податоци од повеќе извори, вклучително и Светската здравствена организација (СЗО) и Светската банка (СБ), авторите на студијата пресметале дека во 2022 година повеќе од три милиони деца ширум светот починале поради отпорност на антибиотици.

Експертите истакнаа дека ова е повеќе од десеткратно зголемување на бројот на инфекции отпорни на антибиотици кај децата за само три години. Бројката може да биде поголема поради последиците од пандемијата ковид-19, посочуваат тие.

Водечките автори на студијата, Јанхонг Џесика Ху од Детскиот истражувачки институт Мардок во Австралија и Херб Харвел од Иницијативата за здравствен пристап на Клинтон, го привлекоа вниманието на значителното зголемување на употребата на антибиотици кои треба да се користат само за најтешки инфекции.

Од 2019 до 2021 година, употребата на антибиотици со висок ризик од отпорност се зголемила за 160 проценти во Југоисточна Азија и 126 проценти во Африка.  Во истиот период, употребата на антибиотици наменети за во краен случај, за тешки инфекции отпорни на повеќе лекови, се зголемила за 45 отсто во Југоисточна Азија и 125 отсто во Африка, според студијата.

Авторите предупредија дека ако бактериите развијат отпорност на овие антибиотици, ќе има многу малку, доколку ги има, алтернативи за лекување.

Професорот Харвел предупреди дека нема лесни решенија. „Тоа е повеќедимензионален проблем кој влијае на сите аспекти на медицината и човечкиот живот“, рече тој.

Најдобар начин да се избегне инфекција отпорна на антибиотици е да се избегне самата инфекција, што значи повисоки нивоа на имунизација, подобро водоснабдување и хигиена, рече тој.  „Антибиотиците ќе се користат повеќе бидејќи им се потребни на повеќе луѓе, но треба да се погрижиме тие да се користат соодветно и да се користат вистинските лекови“.

Линдзи Едвардс, професорка по микробиологија на Кралскиот колеџ во Лондон, рече дека новото истражување е повик за будење. „Без решителна акција, антимикробната отпорност може да го поткопа деценискиот напредок во здравјето на децата, особено во најранливите региони во светот“.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ