На списокот се наоѓаат седум африкански земји (Чад, Конго, Екваторијална Гвинеја, Еритреја, Либија, Сомалија, Судан), четири азиски (Авганистан, Мјанмар, Иран и Јемен) и една северноамериканска (Хаити).
Дополнително, делумно ќе се ограничи влезот на граѓани од седум други земји, и тоа Бурунди, Куба, Лаос, Сиера Леоне, Того, Туркменистан и Венецуела.
„Претседателот Трамп го исполнува своето ветување да ги заштити Американците од опасни странски актери кои се обидуваат да влезат во нашата земја и да им наштетат“, напиша портпаролката на Белата куќа, Абигејл Џексон, на Твитер.
Белата куќа објави дека забраните ги засегаат оние земји што претставуваат „висок безбедносен ризик за Соединетите Американски Држави“.
Трамп направи сличен потег во својот прв мандат, кога најави забрана за влез на патници од седум земји со мнозинско муслиманско население. Но, таа одлука беше поништена во 2021 година од поранешниот претседател Џо Бајден, нарекувајќи ја „дамка врз совеста на американската нација“.
Во видео објавено на неговата платформа Трут соушл, Доналд Трамп рече дека неодамнешниот наводен терористички напад во Болдер, Колорадо, „ги истакнал вонредните опасности“ што ги претставуваат странските државјани кои не се „соодветно проверени“.
Дванаесет лица беа повредени во неделата во Колорадо кога маж нападна група собрана за поддршка на израелските заложници, фрлајќи две запаливи направи и употребувајќи импровизиран пламен фрлач.
Осомничениот за нападот е идентификуван како египетски државјанин, но Египет не е меѓу земјите опфатени со забраната.
Трамп има блиски односи со египетскиот претседател Абдел Фатах ал-Сиси, кого американскиот претседател во минатото го опишуваше како свој „омилен диктатор“.