Тој рече дека рускиот напад врз Суми е ужасен.
„Мислам дека е страшно. Ми кажаа дека погрешиле. Но, мислам дека тоа е ужасно. Мислам дека целата војна е ужасна работа. Мислам дека самиот почеток на таа војна беше злоупотреба на моќ. Соединетите Држави никогаш немаше да дозволат таа војна да започне ако јас бев претседател. Таа војна е срамота“, им рече тој на новинарите во претседателскиот авион Ер форс 1 при враќање во Вашингтон.
Запрашан да разјасни што сака да каже под грешка, Трамп рече: „Тие погрешија… ќе мора нив да ги прашате“, без да прецизира на кого точно мисли или за каква грешка се работи, пренесе агенцијата Франс прес.
„Ова е Бајденова војна. Тоа не е моја војна“, рече тој, мислејќи на поранешниот претседател Џо Бајден, додавајќи: „Само се обидувам да ја прекинам оваа војна за да можеме да спасиме многу животи“.
Суми, со население од околу четвртина милион луѓе, се наоѓа на само 25 километри од руската граница. Тој стана гарнизонски град откако украинските сили извршија упад во Русија од него во август минатата година, кој оттогаш беше во голема мера одбиен. Градоначалникот на Суми, Артем Кобзар, од понеделник прогласи тридневна жалост за жртвите.
Луѓето погодени од ракетата биле на улица, во автомобили, во јавен превоз или во згради, рече министерот за внатрешни работи Ихор Клименко. „Намерно убивање на цивили на важен црковен празник“, рече тој.
Андриј Коваленко, официјален претставник за безбедност кој го предводи Украинскиот центар за борба против дезинформации, рече дека нападот се случил по посетата на Русија на американскиот специјален пратеник Стив Виткоф, каде што се сретна со високи претставници, вклучувајќи го и претседателот Владимир Путин.
„Русија ја гради целата оваа таканаречена дипломатија околу напади врз цивили“, напиша Коваленко на Телеграм.
Виткоф разговараше со Путин во петокот во Санкт Петербург, со цел да се најде пат до мировен договор. Трамп ѝ порача на Русија „да побрза“.
По нападот во неделата во Суми, Зеленски ги повика САД и Европа силно да одговорат на, како што рече, рускиот тероризам.
„Русија сака токму ваков вид на терор и ја продолжува оваа војна. Без притисок врз агресорот, мир не е можен. Преговорите никогаш не ги запреле балистичките ракети и авионските бомби“, напиша Зеленски на социјалните мрежи.