петок, 19 декември 2025

Трамп повторно му се заканува на Чикаго со воена интервенција, гувернерот го нарече диктатор (ФОТО)

Американскиот претседател Доналд Трамп повторно се закани со воена интервенција во Чикаго, третиот по големина град во Соединетите Американски Држави.

Фото: Епа

Објавено на

часот

Сподели

„Чикаго ќе разбере зошто Министерството за одбрана сега се нарекува Министерство за војна“, напиша Трамп на својата мрежа Трут соушл.

Американскиот претседател веќе со денови се заканува дека ќе испрати федерални сили за наводна борба против криминалот.

Трамп, исто така, објави слика, очигледно генерирана од вештачка интелигенција, на која претседателот е облечен во воена униформа со позадина од пожари и хеликоптери, на портокаловото небо над Чикаго, со натпис „Чипокалипса сега“.

Станува збор за алузија на филмот „Апокалипса сега“ од познатиот режисер Френсис Форд Копола, за Виетнамската војна.

Гувернерот на Илиноис, американската сојузна држава во која се наоѓа Чикаго, реагираше дека пораката не ја гледа како шега.

„Ова не е шега. Претседателот на САД се заканува дека ќе војува против американски град“, напиша гувернерот и демократ, Џеј Би Прикер, на платформата Икс.

Тој додаде дека Илиноис „нема да биде заплашен од сè помоќниот диктатор“.

Нарекувајќи го Чикаго „дупка за стаорци“ и „светска престолнина на убиствата“, Трамп од крајот на август се заканува дека таму ќе ја испрати Националната гарда, резервните воени сили што тој веќе ги распореди во две други упоришта на демократската опозиција, во Лос Анџелес и Вашингтон.

Униформирани војници опремени со оклопни возила патролираат низ главниот град на САД од средината на август.

Вчера неколку стотици луѓе прошетаа по улиците на Вашингтон протестирајќи против „окупацијата“ на градот од страна на федералните сили.

„Во Вашингтон, големиот криминал е во Белата куќа“, пишуваше на еден транспарент.

Во петокот, Трамп потпиша извршна наредба со која Министерството за одбрана на САД се преименува во Министерство за војна, додавајќи дека сака да испрати „порака за победа и сила до остатокот од светот“.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ