сабота, 5 јули 2025

Трамп им забранува на странски студенти да се запишуваат на Харвард

Претседателот на САД Доналд Трамп објави дека го суспендира приемот на странски студенти на Харвард за шест месеци, наведувајќи ја националната безбедност и оценувајќи дека дозволувањето на таквиот упис е „штетен за интересите на Соединетите Американски Држави“.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Одлуката на Трамп доаѓа по месеци конфликт меѓу Белата куќа и еден од најпрестижните американски универзитети. Харвард претходно одби да ги исполни барањата на администрацијата во врска со откривањето на податоци за странски студенти, што резултираше со суспензија на федералното финансирање.

Во најновото соопштение, Трамп го обвинува Харвард дека има „широки врски со странски земји“ и дека „ги крши граѓанските права на своите студенти и професори“.

„Утврдено е дека е неопходно да се ограничи влезот на странски државјани кои доаѓаат во Соединетите Американски Држави единствено или првенствено за да студираат на Харвард“, се наведува во декретот.

Покрај забраната за нови уписи, декретот го повикува државниот секретар да размисли за поништување на веќе издадените визи на студенти кои веќе го посетуваат Харвард, а забраната може да се продолжи и по почетниот шестмесечен период.

„Уште еден нелегален и одмаздољубив потег на администрацијата што го нарушува правото на слобода на говор“, стои во изјавата на Харвард за Ројтерс.

Универзитетот вели дека ќе продолжи да ги штити своите меѓународни студенти и да се бори против притисокот од Белата куќа. Во моментов, речиси 7.000 странски студенти сочинуваат 27 проценти од студентското тело на Харвард.

Наредбата на Трамп доаѓа непосредно по судската одлука со која се блокира претходната одлука на Министерството за внатрешна безбедност (ДХС) за забрана на упис на странски студенти од Харвард. Министерката Кристи Ноем претходно ја укина сертификацијата на универзитетот потребна за запишување странци, што исто така беше запрено на суд.

Во среда наутро, Белата куќа се закани дека ќе ја поништи акредитацијата на Универзитетот Колумбија поради наводни кршења на правата на еврејските студенти за време на протестите против војната во Газа.

Администрацијата на Доналд Трамп во последните месеци го засили притисокот врз американските универзитети, обвинувајќи ги дека не прават доволно против антисемитизмот. Харвард е обвинет и за „несоодветна соработка“ со властите во врска со безбедносните проверки на меѓународните студенти, вклучително и празнините во податоците за тројца студенти.

Минатата недела, кинески студент на Харвард јавно повика на единство на свечената промоција, по најавите на Трамп дека „агресивно“ ќе ги поништи визите на кинеските студенти.

Според коментарите од Белата куќа, забраната на Харвард би можела да биде само почеток на пошироката стратегија за ограничување на меѓународната академска размена, под образложение за заштита на националната безбедност.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ