Говорејќи пред новинарите во Белата куќа, Трамп рече дека разговорите во сабота ќе го означат почетокот на она што го нарече „процес“.
Тој додаде дека нема временска рамка за тоа кога треба да завршат преговорите, но рече дека неговата одлука за тоа кога „ќе истече времето“ ќе се заснова на „осет“.
„Имаме малку време, но немаме многу време, бидејќи нема да им дозволиме да имаат нуклеарно оружје. Сакам да напредуваат. Сакам Иран да биде одличен. Единственото нешто што не можат да го имаат е нуклеарното оружје. Тие го разбираат тоа“, рече Трамп.
„Ако за тоа е потребна воена сила, ќе имаме војска. Израел очигледно ќе биде силно вклучен. Тој ќе биде предводник на тоа. Но, никој не управува со нас. Го правиме тоа што сакаме“, додаде тој.
Трамп во понеделникот веќе изјави дека претстојните преговори во Оман, кои треба да започнат во сабота, „се во најдобар интерес на Иран“. Во таа прилика тој повторно се закани со воена акција доколку преговорите не успеат, предупредувајќи дека Техеран ќе биде „во голема опасност“ без договор.
Според Аксиос, повикувајќи се на два упатени извори, Стив Виткоф, специјалниот пратеник на Трамп, ќе ја предводи американската делегација во преговорите со Иран.