Ова е суштината на критиките на Лаима Андрикиене од Европската финансиска ревизија, органот на ЕУ кое следи како се троши буџетот на Брисел.
„Финансирањето на невладините организации од страна на ЕУ е премногу непроѕирно и страда од недостиг на транспарентност“, кажа литванската конзервативна политичарка Андрикиене на презентацијата на извештајот.
Како што наведе таа, информации за тоа колку пари се добиени се објавуваат само понекаде, расфрлани, па не може да се земат како веродостојни.
„И не станува збор за кусур. Во трите години што ги испитавме, од 2021 до 2023 година, повеќе од седум милијарди евра отишле за невладини организации во важни политички области како што се единството, истражувањето, миграцијата и животната средина“, додава Андрикиене.
Всушност, 7,4 милијарди, од кои 4,8 милијарди од буџетот на ЕУ, а остатокот од националните буџети. И сето тоа треба да се земе со резерва, бидејќи точната бројка не се знае.
Дебата со политички предзнак
Со недели и во Европскиот парламент се води жива дебата за парите за невладините организации. Oсобено има забелешки Европската народна партија, која ги обединува традиционалните конзервативци како германските демохристијани.
Сега ревизорскиот извештај докажува дека критичарите се во право, смета Моника Холмаер, политичарка од баварската ЦСУ која е во буџетската комисија на Европскиот парламент.
Таа комисија ги анализира поединечните договори со невладините организации. Холмаер вели дека некои од нив добивале субвенции за лобирање, како и дека некои отишле до законските граници во нивната работа.
„Откривме дека делумно се работи за поддршка на локални протестни акции, кои понекогаш дури станувале насилни“, критикува Холмаер. „Парите од ЕУ не смеат да се користат за поткопување на правната држава“.
Позадина на сомнежите на германските конзервативци за финансирањето и работата на невладините организации беа неодамнешните масовни протести пред изборите во Германија. Низ земјата имаше демонстрации против „соработката“ на демохристијаните и десничарската Алтернатива за Германија.
Меѓу учесниците на протестот наводно имало и некои невладини организации кои добиваат буџетски пари. Ова демохристијаните го оквалификуваа како „структури во сенка“, додека владата на социјалдемократите и зелените во заминување ги отфрли обвинувањата.
Невладиниот сектор ањ брани од обвинувањата
Дури и сега, многу претставници на невладиниот сектор на европско ниво ги отфрлаат паушалните обвинувања.
Во Европскиот парламент, пратениците лево од центарот го изразуваат својот страв дека конзервативците, заедно со радикалната десница, на тој начин би можеле да го потиснат ангажманот на граѓанското општество, на пример, во прашањата за заштита на климата.
„За жал, мора да се каже дека постои координирана кампања против граѓанското општество во Брисел“, вели Даниел Фројнд, европратеник на Зелените.
„Тука не треба да станува збор само за невладините, туку за тоа дека мора да има поголема транспарентност во целост. Кај сите кои добиваат пари од ЕУ“, додава тој – на пример фирмите кои примаат субвенции.
ЕУ не го проверува статусот на невладините организации
Меѓу земјите членки на ЕУ не постои единствена дефиниција за тоа што се невладини организации. Сепак, Брисел минатата година ги дефинираше како организации насочени кон јавното добро и независни од државните институции.
Сепак, статусот на невладините организации кои се дефинираат како такви не се проверува сериозно. Според извештајот на ревизорите, било откриено дека ЕУ финансирала и еден „истражувачки институт“ во чиј управен одбор биле исклучиво претставници на државните органи.