„Во согласност со вашите упатства, ќе знаеме до септември. Започнавме масовни тестирања и истражувања, во кои ќе бидат вклучени стотици научници од целиот свет“, рече Кенеди на состанок на кабинетот на претседателот Доналд Трамп.
„До септември ќе знаеме што ја предизвика епидемијата на аутизам и ќе можеме да ги елиминираме тие причинители“, додаде тој.
Трамп во февруари нареди да се создаде комисија „Да ја направиме Америка повторно здрава“, во која членуваат Кенеди и други министри, за да се испита сè, од стапките на аутизам и астма кај децата до количината на лекови што им се препишуваат за АДХД или други состојби.
Бројот на дијагнози на аутизам во Соединетите Држави значително се зголеми од 2000 година, што ја зголеми загриженоста на јавноста. Научниците веќе со децении истражуваат кои генетски или еколошки фактори можат да придонесат за аутизам, но причините за повеќето случаи остануваат нејасни.
Кенеди долго време промовираше врска помеѓу вакцините и аутизмот и покрај научните докази кои го кажуваат спротивното.