„Разговорите во Истанбул не се наменети за постигнување компромисен мир под туѓи заблуди, туку за обезбедување на нашата брза победа и целосно уништување на неонацистичкиот режим“, објави Медведев на Телеграм.
Во очигледна реакција на украинските напади врз руските стратешки бомбардери во текот на викендот, Медведев објави дека Москва ќе се одмазди. „Одмаздата е неизбежна“, нагласи тој.
Русите и Украинците се согласија вчера, по новите преговори во Истанбул, да ги разменат сите воени заробеници под 25 години и тешко ранетите, како и да предадат илјадници тела на загинати војници, иако не е договорен прекин на огнот.
Вториот круг директни преговори меѓу Киев и Москва се одржа еден ден по невидениот украински напад со беспилотни летала врз руските воздухопловни сили, уништувањето на два моста во Русија и последователните железнички несреќи.
„Преговорите во палатата Чираган во Истанбул траеја само еден час, а Украина предложи нова средба со Русија помеѓу 20 и 30 јуни“, изјави главниот преговарач на Украина, министерот за одбрана Рустем Умеров.
Примирје од најмалку 30 дена, враќање на војниците помлади од 25 години, ослободување на затворениците и враќање на телата на загинатите војници беа првите украински барања. Враќањето на киднапираните деца беше нивното второ барање. Последното барање беше средба на лидерите.
Русија повторно го отфрли предлогот за безусловно примирје и предлага делумно примирје од „два до три дена“ на одредени делови од фронтот. Русија, од друга страна, постојано бара Украина да се откаже од членството во НАТО и да отстапи четири региони и Крим.