петок, 25 април 2025

Лидерот на унгарската опозиција: Ќе деблокирам милијарди од ЕУ ако го победам Орбан

Лидерот на унгарската опозиција Петер Маѓар, најголемиот политички ривал на премиерот Виктор Орбан, во неделата вети дека ќе деблокира милијарди евра од фондовите на Европската унија за заживување на економијата доколку победи на парламентарните избори следната година, како и дека ќе одржи референдум за тоа дали Украина треба да се приклучи на ЕУ.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Говорејќи на митинг во Будимпешта Маѓар рече дека, доколку биде избран, ќе ги поправи односите и угледот на Унгарија меѓу нејзините сојузници кои страдаа бидејќи Орбан ја нападна ЕУ и одржува блиски односи со автократии како Русија и Кина.

Агенцијата Стандард и Пурс во петокот го намали кредитниот рејтинг на Унгарија од стабилен на негативен поради зголемените ризици за фискалната политика од трговските војни, намалениот прилив на средства од ЕУ и високите трошоци за отплата на долгот поради олеснување на буџетската политика пред изборите во 2026 година.

На власт од 2010 година, десничарскиот премиер Виктор Орбан се најде во серија спорови со Европската унија околу реформите на владеењето на правото, што доведе до кратења на финансирањето и дополнителни оптоварувања на економијата веќе погодена од повеќегодишна инфлација.

Некои анкети покажуваат дека централно-десничарската партија на Маѓар Тиса има предност над Фидес по речиси две години стагнација и нови ризици за унгарската економија зависна од извозот среде американските царини за увозот од Европската унија.

„Унгарија повторно ќе биде горд и доверлив сојузник на НАТО. Унгарија повторно ќе биде полноправна членка на ЕУ“, им рече Маѓар на поддржувачите по презентирањето на резултатите од националното истражување за кое рече дека ќе биде основата на владиниот план.

И додека владата на Орбан очекува економскиот раст да достигне 2,5 отсто оваа година, СиП прогнозира раст од само 1,5 отсто, што го означува најслабиот тригодишен период пред националните избори за време на 15-годишното владеење на Орбан.

„Ослободувањето на средствата од ЕУ може да ја поттикне економијата за најмалку еден процент, што би создало дополнителни 800 милиони форинти (2,07 милијарди евра) во буџетот“, рече Маѓар, додавајќи дека предвидливата економска политика може да ги намали трошоците за задолжување.

Коментирајќи ги резултатите од истражувањето, Маѓар рече дека членството на Украина во ЕУ предизвикува поделба и затоа тој ќе одржи референдум за ова прашање кога ќе се појават конкретни услови за пристапување на Украина.

Орбан, кој силно се спротивставува на воената помош на НАТО и хуманитарната помош на Европската унија за Украина, рече дека членството на таа земја во Унијата ќе ги уништи унгарските земјоделци и пошироката економија.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ