„Дефинитивно го почитуваме суверенитетот на Панамците и Панамскиот канал“, рече американскиот министер во средата во разговор со новинарите непосредно пред да влезе во авионот за лет до Вашингтон, изразувајќи благодарност до панамската влада што ги пречека американските војници на своја територија „преку ротациони заеднички вежби“.
Според него, каналот е клучен терен кој Панама ќе го штити во соработка со САД, а не со Кина.
Панамската влада силно ги негираше тврдењата на американскиот претседател Доналд Трамп дека Кина го контролира каналот.
Министерот Абрего изјави за новинарите дека неговиот американски колега „на состанок зад затворени врати го призна суверенитетот на Панама во Панамскиот канал“.
Абрего додаде дека Панама нема да дозволи постојани воени бази на своја територија.
За време на посетата на Хегсет, САД и Панама издадоа заеднички изјави за продлабочување на соработката во областа на безбедноста. Но, верзијата на Пентагон на англиски јазик не содржи реченица од панамската верзија на шпански јазик за суверенитетот на Панама во каналот, забележува Ројтерс.
Во реченицата се вели дека „(американскиот) секретар Хегсет, исто така, го призна лидерството и неотуѓивиот суверенитет на Панама во Панамскиот канал и соседните области“, објави новинската агенција.
Хегсет е првиот американски министер за одбрана што ја посети Панама во последните децении. САД го изградија Панамскиот канал пред повеќе од сто години и ѝ го предадоа на Панама во 1999 година.
Трамп рече дека откажувањето од каналот е лош договор за САД.
Повеќе од 40 отсто од американскиот контејнерски сообраќај, вреден приближно 270 милијарди долари годишно, минува низ Панамскиот канал, а американските бродови сочинуваат повеќе од две третини од сообраќајот во вештачкиот воден пат што го поврзува Атлантикот со Пацификот.