Делегација на Хамас викендов отпатува во Каиро на разговори со официјални лица од Египет и Катар, кои посредуваат за прекин на огнот на палестинската територија заедно со САД.
„Подготвени сме да ги ослободиме сите Израелци (заложници) како дел од вистински договор за размена на затвореници, во замена за прекин на војната, повлекување на израелските сили од Појасот Газа и влез на хуманитарна помош“, изјави за АФП Тахер ал Нуну, еден од водачите на исламистичкото движење.
Тој го обвини Израел дека го попречува напредокот кон прекин на огнот. „Проблемот не е во бројот“ на заложници што треба да бидат ослободени, рече тој, „туку фактот што (Израел) се откажува од своите обврски, го блокира спроведувањето на договорот за прекин на огнот и ја продолжува војната“. „Затоа, Хамас инсистира на потребата од гаранции кои ќе го принудат (Израел) да го почитува договорот“, додаде тој.
Според израелската информативна веб-страница Инет, на Хамас му е врачен нов предлог кој би вклучувал ослободување на десет живи заложници во замена за американски гаранции дека Израел ќе ги започне преговорите за втората фаза од прекинот на огнот.
Првата фаза од прекинот на огнот, помеѓу 19 јануари и 17 март, овозможи враќање на 33 заложници, вклучително и осум мртви, во замена за ослободување на околу 1.800 палестински затвореници од израелските затвори. Напорите повторно да се воспостави прекин на огнот досега не успеаја.
Во Израел, форумот на фамилии на заложници, главната организација која се залага за ослободување на Израелците заробени во Газа, се изјасни против постепениот пристап, нарекувајќи го „опасен концепт“. „Државата Израел има обврска да ги врати сите“, инсистира организацијата во соопштението.
„Бараме неопходно, изводливо и соодветно решение: да се стави крај на војната и веднаш да се вратат сите заложници во еден чекор“.
Тахер ал Нуну изјави и дека Хамас нема да се разоружа, што е еден од условите што ги постави Израел за прекин на војната. „За оружјето на отпорот не може да се преговара“, рече тој.
Војната во Газа беше поттикната од нападот на Хамас врз јужен Израел на 7 октомври 2023 година.
Нападот резултираше со смрт на 1.218 лица на израелска страна, од кои повеќето цивили, според АФП врз основа на официјални податоци. Од 251 киднапиран, 58 сè уште се држат во Газа, вклучувајќи 34 мртви, според војската.
Министерството за здравство на Хамас во неделата соопшти дека најмалку 1.574 Палестинци биле убиени откако Израел ги продолжи воените операции на 18 март, со што бројот на загинати во Газа достигна 50.944 од почетокот на израелскиот одговор на нападот пред 18 месеци.






