Сведоците изјавија дека израелските војници отвориле оган врз лицата додека се движеле кон место за дистрибуција на помош. Војската издаде кратко соопштение во кое се вели дека „во моментов нема информации за повреди предизвикани од израелскиот воен оган врз местото за дистрибуција на хуманитарна помош. Случајот сè уште се разгледува“.
Дистрибуцијата на помошта на Хуманитарната фондација Газа беше хаотична, повеќе сведоци изјавија дека израелските војници пукале врз голема група луѓе во близина на местото за дистрибуција. Фондацијата соопшти дека приватното обезбедување кое го чувало местото не користело оружје.
Фондацијата претходно соопшти дека денеска „без инциденти“ биле поделени 16 камиони со помош. Го отфрли она што го нарече „лажни извештаи за смртни случаи, масовни повреди и хаос“.
Израел и САД велат дека новиот систем има за цел да го спречи Хамас да краде помош. Меѓутоа, Израел не достави никаков доказ за тоа, а ОН негираат дека тоа се случило.
Агенциите на ОН и големите хуманитарни групи одбија да работат според новиот систем, велејќи дека тој ги крши хуманитарните принципи бидејќи му овозможува на Израел да контролира кој прима помош и ги принудува луѓето да се преселат во местата за дистрибуција.
Експертите предупредија дека Газа се соочува со глад доколку наскоро не се достави многу поголема количина храна.