Барањето до балканските земји е дел од пошироката американска стратегија за наоѓање странски влади кои се подготвени да прифатат депортирани мигранти, пишува американскиот медиум, повикувајќи се на неименувани извори, но не прецизира за кои други балкански земји станува збор.
Белата куќа, Стејт департментот и српското Министерство за надворешни работи сè уште не ги коментираа извештаите на „Блумберг“. Минатиот месец, Врховниот суд на САД ѝ дозволи на администрацијата на Трамп да го поништи привремениот правен статус на стотици илјади мигранти од Венецуела, Куба, Хаити и Никарагва кои живеат во САД.
Властите сега бараат потенцијални дестинации за оние мигранти кои би можеле да бидат депортирани, пишува Блумберг. Медиумот, исто така, наведува дека Србија е важна за семејството Трамп поради облакодерите во Белград што ќе ги гради инвестициска компанија чиј основач е Џаред Кушнер, зет на американскиот претседател.