Во рамки на посетата на Западен Балкан, Калас ја посети Тирана, каде одвоено се сретна со албанскиот претседател Бајрам Бегај и премиерот Еди Рама.
На заедничката прес-конференција со Рама, Калас истакна дека Албанија е навистина силен партнер на Европската унија и дека како членка на НАТО е целосно усогласена со надворешната и безбедносната политика на Унијата.
„Вашата одлука за целосно да ги спроведете санкциите на ЕУ против Русија, заедно со вашата хуманитарна и политичка поддршка за Украина, всушност ја покажува вашата посветеност на вредностите на ЕУ и разбирам дека од политичка гледна точка тоа не е секогаш лесно да се направи. Исто така вие сте многу вредни и корисни во однос на соработката во регионот, во поддршката на властите да имаат безбедно опкружување во Босна и Херцеговина“, рече таа, обраќајќи му се на премиерот Рама.
Калас истакна дека ЕУ е целосно посветена на Албанија и соработката е во корист на двете страни.
„Една од првите обврски што ги имав беше да го потпишам партнерството ЕУ-Албанија за безбедност и одбрана, а денес ќе ги видиме првите плодови, бидејќи ќе го започнеме првиот дијалог ЕУ-Албанија за безбедност и одбрана. Ова е навистина многу важен чекор, бидејќи дополнително ја продлабочуваме соработката во безбедносниот сектор. Оваа соработка сакаме да ја прошириме на нови области како што се борбата против хибридните закани, но и во однос на сајбер безбедноста, борбата против тероризмот, управувањето со кризи “, рече таа.
Високата претставничка на ЕУ за надворешна политика додаде дека Албанија има амбициозен план да ги заврши преговорите со ЕУ во следните две години.
На прашањето дали 2030 година е можна година за Албанија да стане членка на Европската унија, таа одговори дека е, доколку секој го исполни својот дел од обврските.
„Иднината на Албанија е во Европската унија и со задоволство видов потпишување договор во вредност од 90 милиони евра со Европската инвестициска банка за реконструкција на железницата меѓу пристаништето Драч и Рогожина како дел од Коридор 8. Овој проект ќе донесе нови работни места, ќе донесе поголема трговија и дополнително ќе ја поврзе Албанија со соседите, но и со Европската унија. Тоа ќе биде и вистински коридор меѓу членките на ЕУ и НАТО во однос на воената мобилност во Југоисточна Европа и тоа е многу важно во овој момент во ова опкружување кога зборуваме за безбедноста“, рече Калас.
Албанскиот премиер Рама изјави дека Албанија е целосно усогласена во сите аспекти со Европската унија.
Тој откри дека на средбата со претставничката Калас разговарал за процесот на пристапување и за „многу амбициозниот календар“ договорен со Европската комисија за завршување на преговорите до 2027 година. „Нема никакви проблеми или отворени прашања меѓу Албанија и ЕУ. Имаме целосна усогласеност во сите аспекти, што најдобро се рефлектира во надворешната политика на Република Албанија, што е 100 отсто усогласена со политиката на ЕУ“, рече Рама.
Тој додаде дека разговарале и за регионот и за проблемите во регионот во време кога, според него, е важно единството и стабилноста на целиот регион, во кој сите земји го прогласија членството во ЕУ како стратешка цел. „Народите на Европа денес, повеќе од кога било досега, чувствуваат дека војна не е црно-бел филм од минатото, ниту спонтан настан што се случува на границите на Европа, туку вистинска закана против која Европа мора да ги собере своите редови и да зајакне. Без сомнение, и Албанија е дел од оваа обврска“, рече тој.
Рама рече дека многу интензивно се подготвуваат за самитот на Европската политичка заедница што ќе се одржи на 16 мај во Тирана, а на кој, според него, ќе присуствуваат сите лидери на континентот.
По средбата, а пред заедничката прес-конференција на Рама и Калас, беше потпишан договор меѓу Република Албанија и Европската инвестициска банка за распределба на грантови за финансирање на железничкиот проект Драч-Рогожина, дел од Коридор 8, кој, според албанските власти, е клучна артерија што ќе ја поврзе Албанија со европската транспортна мрежа и дополнително ќе ја зајакне улогата на земјата како врска во регионот.
Договорот го потпишаа вицепремиерката и министерка за инфраструктура и енергетика на Албанија, Белинда Балуку и директорот на Европската инвестициска банка, Лионел Рапај.