недела, 7 јули 2024

Судскиот совет смета дека Кацарска не може повеќе да биде уставна судијка

Претседателката на Судскиот совет, Весна Дамева испратила известување до претседателот на Собранието, Африм Гаши, дека судијката на Уставниот суд, Добрила Кацарска ги исполнила условите за остварување на старосна пензија со што го губи статусот на активен судија, што е услов еден судија да може да биде избран за член на Уставниот суд. Од Уставниот суд не го коментираат дописот и се повикуваат на Уставот. Од Судскиот совет нема образложение зошто овој допис е испратен сега кога Кацарска ги исполнила условите за старосна пензија уште пред две години, на 30 јуни 2022 година.

Објавено на

часот

Сподели

Во дописот до кој дојде МКД.мк пишува дека според член 105 став 1 алинеја 7 од Уставот, Судскиот совет предлага двајца членови во Уставниот суд од редот на судиите.

„Имајќи во предвид дека со исполнување на условите за старосна пензија престанува судиската функција, а судиската функција е еден од условите за предлог на Советот и негов избор за судија на Уставниот суд, Ве известувам за донесеното решение“, пишува во дописот до претседателот на Собранието, Африм Гаши, потпишан од претседателката на Судскиот совет, Весна Дамева.

Во дописот, членувањето на судиите во Судскиот совет е поистоветено со членувањето на судиите во Уставниот суд.

Овој став Судскиот совет го донел врз основа на неколку донесени одлуки кои се однесуваат на членови на Судскиот совет од редот на судиите. На судијата Киро Здрвев му престана мандатот член на Советот во јуни 2022 година поради престанок на судиската функција. Од истите причини Судскиот совет констатирал престанок на мандатот член на Советот и на судиите Зоран Теофиловски во јули 2022, Гордана Спиреска во август 2022 и Мери Радевска во февруари 2024 година.

„Во Уставот е предвидено времетраењето на мандатот на избраните членови на Судскиот советкој трае шест години, а условите под кои може да се констатира престанок на мандатот во Советот се предвидени во Законот за Судски совет. Според него не постои услов за престанок на мандат на член на Судскиот совет поради исполнување на услови за старосна пензија како судија. Но, сепак, со оглед дека мандатот член на Советот, кој е избран од редот на судиите, со престанок на судиската функција, му престанува и мандатот, без оглед на времетраењето на истиот. Од ова произлегува дека Судскиот совет во слична ситуација веќе има изградено јасен став врз основа на кој се донесени и наведените одлуки. Со оглед на тоа, а по донесената последна, четврта одлука со која е констатиран престанок на мандат за член на Советот, целисходно е да Ве известам за истото, заради Ваше запознавање и евентуално понатамошно постапување во врска со мандатот на именуваат судија“, пишува во дописот до Собранието.

Претседателот на Уставниот суд, Дарко Костадиновски изјави дека во отсуство на официјални информации за било каква иницијатива за престанок на мандатот на судијата Кацарска не може да каже ништо конкретно и се повика на член 111 став 4 од Уставот во кој се уредени основите за престанок на функција на уставен судија.

„Јас не сум ја видел содржината на таа иницијатива, не знам дали и како би постапило Собранието и затоа би се воздржал од коментар. Она што е важно, доколку е релевантно она што го видов во дел од медиумите, е тоа што не може да се прави поистоветување на членство во Судски совет и членство во Уставен суд“, изјави за МТВ Костадиновски.

А според член 111 став 4 од Уставот на судија на Уставниот суд функцијата му престанува ако поднесе оставка, а судијата ќе биде разрешен од должноста ако биде осуден за кривично дело на безусловна казна затвор од најмалку шест месеци или кога трајно ќе ја загуби способноста да ја врши својата функција, нешто што го утврдува Уставниот суд.

Засега од Судскиот совет нема образложение зошто овој допис е испратен сега, а уставната судијка Добрила Кацарска ги исполнила условите за старосна пензија на 30 јуни 2022 година.

Добрила Кацарска беше избрана за уставна судијка во ноември 2020 година, а во мај 2021 година беше избрана за претседателка на Уставниот суд. Тригодишниот мандат како претседателка ѝ заврши пред точно еден месец кога по 10 кругови гласање за нејзин наследник беше избран судијата Дарко Костадиновски.

Искра Опетческа

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ