Студентите, чии блокади траат од 22 ноември, на бројните досегашни собири и комеморативни блокади, на кои со 15-минутно молчење им се оддава почит на жртвите на новосадската трагедија, до сега ги поддржаа стотици илјади граѓани низ Србија.
Последниот голем протест беше одржан во Нови Сад со блокада на три моста, а следниот е најавен за сабота, 15 февруари во Крагуевац, на денот на одбележувањето на првиот устав на Србија од 1835 година.
Студентите во своите барања бараат одговорност од власта за смртоносното уривање на стреата во Нови Сад во кое на 1 ноември минатата година загинаа 15 лица, а две се повредени со доживотни последици. Тие бараат почитување на уставот, законите, искоренување на корупцијата и зајакнување и самостојност на институциите без политичко влијание.
На акцијата најавена за 15 февруари ѝ претходеше штафетен маратон на пет студенти од Крагуевац кои трчаа до Белград за на колегите симболично да им врачат покани за собирот во Крагуевац.
„Кој нема храброст да се бори, нема право да се жали“, гласи една од пораките на студентите.
Студентските протести и барањата солидарно и со заедничко учество ги поддржаа земјоделците, бројни синдикати и општествени групи, културни работници, просветни работници на бројни училишта, здравствени работници.
Со неделен штрајк од понеделникот студентите ги следат глумечки ансамбли на театрите во Белград, Нови Сад и Сомбор и адвокатите во Србија кои прогласија 30-дневен прекин на работата, исклучително ограничена само за случаи на заштита на основните човекови права.
Истовремено, српскиот претседател Александар Вучиќ ги повика своите поддржувачи на 15 февруари да се соберат во Сремска Митровица и најави дека на тој собир, поради наводни обиди за сепаратизам, ќе биде усвоена „Народна декларација за Војводина“.