понеделник, 30 декември 2024

Струмичани ќе се возат со автобуси кои нема да трошат пари за гориво и нема да го загадуваат воздухот

Денеска, на Денот на ослободувањето на Струмица, беа промовирани десетте нови електрични автобуси за јавен превоз во Општина Струмица, инвестиција вредна 7 милиони евра и капацитет на секој автобус со 48 патници. Струмица е првиот град во земјава и на Балканот која воведува во целост електричен еколошки јавен превоз.

Објавено на

часот

Сподели

Со предавање на клучот од страна на Мурат Дедеоглу, интернационален продажен директор на Анадолу ИСУЗУ Турција на градоначалникот на Струмица, Костадин Костадинов, беше означен почетокот на јавниот градски превоз во Струмица, кој првиот месец ќе биде бесплатен, а потоа билетот ќе биде 30 денари за една зона, односно 60 за две или повеќе зони.

Според градоначалникот Костадинов, одлуката да се имплементира целосно електричен јавен превоз е дел од пошироката стратегија и големата слика за Општина Струмица која била, е и ќе биде предводник на прогрес и поубав живот за сите нејзини жители.

„Овие електрични автобуси се јасен одраз на нашата посветеност за следење на највисоките европски трендови и вистинско чекорење на патот кон Европската унија. Со имплементацијата на европските директиви, усвојуваме напредни стандарди во јавната мобилност, осигурувајќи дека нашиот транспортен систем е ефикасен, воздухот што го дишеме почист, а нашето колективно влијание врз животната средина значително помало. Мобилноста е во срцето на модерните, просперитетни општини. Со воведувањето на овие електрични автобуси ја подобруваме поврзаноста низ Струмица, овозможувајќи им на струмичани да се движат лесно, поекономично и без да придонесуваат за загадување. Од денес имаме можност сите ние да го намалиме оптоварувањето на нашите патишта и да ги минимизираме штетните емисии што доаѓаат од традиционалните возила“, истакна струмичкиот градоначалник.

Директорот на Струмица транспорт, Драги Поп Стојанов, истакна дека сѐ е подготвено за почеток на јавниот превоз.

„Имаме направено физибилити студија, имаме направено линии и постојки, добивме согласност од МВР и од вчера може да пристапиме кон обележување и усогласување на тие возни редови. Затоа, имаме тест период од 30 денови, бидејќи подобро е евентуалните грешки да ги надминеме за 30 денови, отколку  да работиме со грешки 30 години. Во пробниот период граѓаните ќе можат да го користат бесплатно јавниот превоз. Ќе работиме во една смена и ќе се трудиме за овој период да ги усогласиме сите работи и подготвителни активности што ќе придонесат да немаме доцнења, да немаме грешки, да имаме прецизно и убаво возење со градскиот превоз“, рече Поп Стојанов.

Додаде дека сите линии и стојалишта се испечатени во брошура и со мобилна апликација може да се симне возниот ред. Вкупно ќе има 7 линии од кои 6 се редовни, а едната ќе се користи само во недела и празници.

На промоцијата на јавниот градски превоз во Струмица присутвуваше и претседателот на СДСМ, Венко Филипче, кој истакна дека со овој проект Струмица е првиот град во земјава и на Балканот со обезбеден електричен и еколошки јавен превоз.

„Ова е еден сеопфатен проект во кој што се мислело на многу аспекти. Ова е еден проект кој што е императив на многу европски градови, да има електричен превоз, да се поврзат подобро градските населби помеѓу себе, приградските населби, селата со градот. Притоа, се обезбедува бесплатно возење за одредени категории граѓани, како за пензионерите, учениците, студентите. Обезбеден е посебен пристап во автобусите за лица со посебни потреби, како и посебно место за полнење на електричните автобуси, повторно обезбедено од обновливи извори на енергија, нешто што е цел на секој европски град согласно европската зелена агенда“, рече Филипче.

Додаде дека спротивност на ова што сега се случува во Струмица, за жал е градот Скопје, затрупан во ѓубре и без доволно автобуси за јавен превоз. Како што рече, тоа е еден целосно неодговорен однос на ВМРО ДПМНЕ и нивната градоначалничка Данела Арсовска.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ