понеделник, 16 декември 2024

Странските инвеститори се согласија со глобалниот данок од 15 отсто

Странските инвеститори кои работат во ТИРЗ ќе плаќаат 15 отсто глобален данок или дополнителни пет отсто данок на добивка, предвидуваат законските измени кои се во собраниска процедура. Оваа обврска ја имаат фирмите со глобален обрт од 750 милиони евра, обрт во земјава од 10 милиони евра и профит од еден милион евра.

Објавено на

часот

Сподели

За глобалниот данок денеска станало збор и на состанокот на Советот на странски инвеститори во Владата. Како што изјави премиерот Христијан Мицкоски, инвеститорите се веќе запознаени со измените на законската регулатива.

Според претседателот на Советот Виктор Мизо, тие ќе афектираат 50 компании во земјава.

„Ако компаниите во ТИРЗ подлежат на глобалниот минимален данок, тогаш ќе треба да го плаќаат целиот тој данок тука, но тоа го добиле како договор со државата при влезот тука. Таа државна помош е по сите правила и прописи на ЕУ и ќе претрпи трансформација во друг вид помош зашто не ќе може да се добиваат корпоративен данок и такви олеснувања, но ќе опспои друг вид даночен кредит кој ќе биде од иста или слична форма и вредност“, објасни Мизо.

Според него, царинските ослободувања во зоните не се однесуваат на репроматеријали, туку само на специфичен вид опрема која се увезува од земји надвор од ЕУ, како Јапонија, Сингапур, САД,…

„Царинските ослободувања во ТИРЗ се однесуваат само на две поглавја од царинскиот закон, само на специфичен вид опрема, не на репроматеријали, на опрема која доаѓа од ЕУ, опрема што се увезува од Јапонија, Сингапур, САД,… Вредноста на тие царински ослободувања е многу мала ако се земе прдвид колкави се можностите за државна помош, но, сепак, тие влегуваат во вкупната вредност на државна помош, а лимитот е ист, 50 отсто од инвестицијата, па не би значело голема отстапка ако тоа се плаќа, бидејќи може да се добие помош по друга основа“, истакна Мизо.

Премиерот претходно кажа дека е фер и коректно за македонските граѓани, оние компании кои тука реализираат профит, петте отсто повеќе од рамниот данок од десет отсто, да ги уплаќаат во нашиот Буџет.

„Разговараме за единствената давачка за која во моментот размислуваме, а тоа е онаа давачка којашто треба да се усогласи со македонското законодавство поврзано со глобалниот корпоративен данок, нешто кое што се свесни буквално сите странски инвеститори. Тоа е прифатено од нив, а мислиме дека е коректно и фер за македонските граѓани, дека оние компании, коишто реализираат профит тука, коишто се добредојдени, се разбира, се дел од македонската економија, оние пет проценти повеќе од нашиот рамен данок од 10 проценти, да ги уплатат во нашиот македонски буџет, за македонските граѓани и тоа странските инвеститори коишто ги исполнуваат овие услови, а условите се знаете во три столба поделени над 750 милиони евра глобален обрт, над 10 милиони во земјава да имаат обрт и над еден милион евра профит тука во Македонија“, рече Мицкоски.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ