четврток, 13 февруари 2025

Странските инвеститори имаат проблем со работната сила, препорачуваат подобрување на образовниот процес на сите нивоа

Од постојните странски инвеститори во државава, лани 38 отсто имале зголемен обем на работа, а 62 отсто намален. Дури 51 отсто од нив се соочиле со недостиг на соодветно квалификувана работна сила, а 49 проценти имале зголемени оперативни трошоци што го истакнале како проблем, покажуваат резултатите од aнкетата за странските директни инвестиции за 2024 година што ја спроведе Советот на странски инвеститори при Стопанската комора.

Објавено на

часот

Сподели

„На исто ниво како проблем, како и во претходната 2023 година, е бирократијата и несоодветното постапување на институциите, легалната несигурност и честата промена на бизнис-регулативата, а како петти проблем е истакната корупцијата и проблемот со судството“, рече претседателот на Советот на странски инвеститори, Виктор Мизо.

Како еден од клучните проблеми, 29 отсто од испитаниците го посочиле недостигот на работна сила, при тоа потенцирајќи го брзото напуштање на работното место по вработувањето и недоволните квалификации, додека за 60 отсто, проблем е конкурентноста на пазарот на работна сила. Препорачуваат подобрување на образовниот процес на сите нивоа, намалување на вработените во јавната администрација и повеќе обуки и тренинзи на работната сила.

Воедно препорачуваат Владата да креира мерки во насока на задржување на вработените во овие компании. Бараат униформен пристап и надградување на сите процеси за дефиниција на оправдани инвестициски трошоци и усогласување со глобалните сметководствени правила. Бараат и помош и поддршка на постојните инвеститори во процесот на работа, многу пофреквентна комуникација со државните институции, состаноци и посети на компаниите за да се адресираат проблемите со кои се соочуваат, поголема едуцираност на административните работници и подобра комуникација меѓу државните институции. Сметаат дека многу мал дел од нивните укажувања досега се прифатени, или се веќе спроведени до максимум.

Од анкетираните компании, 30 отсто не се задоволни од постојната инфраструктура во земјава, а во 2023 година 37 отсто не биле задоволни. Делумно задоволни се 52 отсто (53 отсто во 2023 година), а задоволни се 18 отсто (10 отсто). Дури 45 отсто од компаниите бараат дополнителни услуги за поддршка на нивниот бизнис, како јавен превоз до локацијата каде што се сместени, детски градинки, банки,… пристапни патишта, приклучоци до струја и гас, патишта, автопати, конекции  со вода, канализација и атмосферска канализација.

Вкупно 49 од компаниите со странски капитал во анкетата или користат државна помош, или се во процес на добивање, а 36 отсто од нив се пожалиле дека државата доцни со исплатата на овие средства. За 90 отсто од компаниите не се доволно јасни правилата за добивање државна помош.

Најчестите прашања што странските инвеститори им ги поставуваат на Владата и на институциите, се поврзани со државната помош, даноците, царинските активности, а најзадоволни се од комуникацијата со Управата за јавни приходи.

За 2025 година речиси ист број на компаниите очекуваат зголемување или намалување на обемот на работа, а само 17 отсто сметаат дека ќе остане ист како во 2024 година. Поголем процент сметаат дека ќе има намалување на бројот на вработени, но тоа не значи отпуштање, туку нема да бидат пополнети работните места што некој претходно ги напуштил. Тоа, како што посочуваат, се должи на фактот што има намалување на нарачките за 10 до 25 отсто, поради состојбата во европската економија. Како најголеми ризици за бизнисот за годинава ги истакнуваат недостатокот од работна сила и квалификации, намалувањето на давачките, зголемувањето на цената на репроматеријалите и на компонентите кои се користат во процесот на производство, како и честата промена на законите…

За 40 проценти од анкетираните компании, клучно за успешно работење во 2025 година е подобрувањето на образовниот процес, усогласувањето на царинските стапки со оние во Европската Унија за увоз на репроматеријали од трети земји.

„Кај нас царинските стапки се меѓу 10 и 15 проценти, а во ЕУ најчесто се помеѓу 0 и 2,7 отсто. Тоа креира голема разлика во она што ние го увезуваме за да биде дел од крајниот производ, кој потоа го извезуваме. Затоа ако се споредуваме со која било земја во ЕУ, или со Турција и Мароко, кои имаат царинска унија со ЕУ не сме конкурентни“, рече Мизо.

Од анкетираните компании 48 отсто повторно би се одлучиле да инвестираат во земјава доколку тоа го прават по првпат, 30 отсто не знаат дали тоа би го направиле доколку им се укажела таква можност, а 22 отсто не би инвестирале. Во 2023 година, 40 отсто одговориле со „да“ на ова прашање.

За повторно да инвестираат, најважни критериуми им се ниските производствени трошоци, можноста да се најде соодветно квалификувана работна сила, соодветна позитивна бизнис- клима, ниски даноци, државна помош, локален пазар, инфраструктура, политичка стабилност, близина на пазари, близина на добавувачи, членство во НАТО.

Анкетата за условите за водење бизнис и инвестициската клима во земјава во 2024 година беше спроведена во 50 компании со странски капитал со над 40.000 вработени во периодот од 24 ноември 2024 година до 20 јануари, годинава. Тие досега во земјава имаат инвестирано над четири милијарди евра, а само лани инвестирале над 270 милиони евра. Од нив 47 отсто се лоцирани во ТИРЗ, а 53 отсто надвор од економските зони. Најголем дел – 51 отсто се од Скопскиот плански регион, но има и од останатите седум плански региони во земјава. Дури три четвртини се од производствениот сектор, а една четвртина од секторите трговија и услуги, при што 80 отсто работат за регионалниот и глобалниот пазар, а само 20 отсто на домашниот.

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ