Како што информира Град Скопје, затекнати се три лица со живеалиште во општина Бутел, како на дива депонија што сами ја направиле согоруваат отпад, со што се загрозува животната средина и здравјето на граѓаните.
Инспекцијата за животна средина на Град Скопје денеска извршила вонреден инспекциски надзор и во Општина Сарај, каде затекнала запалена дива депонија составена од опасен отпад и градежен шут. Локализиран е пожарот по брзата интервенција од страна на Противпожарната бригада на Град Скопје, а дополнително затечени се палења на стрништа во Крушопек и Лака, а сторителите се санкционирани.
Во изминатата недела инспекторите за животна средина на Град Скопје и комуналните инспектори имаат изречено казни на над 100 сторители.
„Нашите инспектори продолжуваат со засилениот инспекциски надзор на терен 24 часа, со цел намалување на аерозагадувањето и заштита на животната средина. Неселективно се изрекуваат казни за сите што не го почитуваат законот. Континуирано поднесуваме кривични пријави за исфрлање и согорување опасен отпад и загрозување на животната средина, за кривична одговорност против сторители затекнати како исфрлаат опасен отпад, азбестни плочи и друг градежен отпад, меѓу кои и опасен канцероген отпад“, се вели во соопштението.
На територијата на Скопје, покрај Инспекторатот на Град Скопје, има уште вкупно 14 институции кои имаат надлежност и обврска да постапуваат при загадување на животната средина и загрозување на здравјето на граѓаните. Досега, како што наведуваат, единствено Град Скопје реагира, додека останатите не постапуваат, иако за тоа имаат законска обврска.