Први реагираа партиите на Бошњаците во Македонија, како Бошњачкиот демократски сојуз и СДА Македонија, пред сè поради самото присуство на Додик во земјава, како личност која е на црната листа на САД, неистакнувањето на знамето на Босна и Херцеговина, при неговата официјална посета на Министерството за односи со заедниците со министерот Иван Стоилковиќ.
Критиките за однесувањето на Додик на манифестациите по повод одбележувањето на националниот празник на Србите во Македонија, Свети Сава, и реакциите за неговите изјави на свечената академија во Скопје, најчесно беа упатени на адреса на вицепремиерот и министер за односи со заедниците, Иван Стоилковиќ, кој воедно е и претседател на Демократската партија на Србите во Македонија. Оваа партија во Македонија, веќе 18 години е организатор на Светосавската академија, како манифестација со која поддржани правата на малцинствата во земјава и со која се потврдува мултиетничкиот и мултикултурен карактер на македонското општество.
Македонскиот премиер, Христијан Мицкоски, кој и самиот беше присутен на Светосавската свечена академија, на новинарско прашање за однесувањето на Додик во Скопје, изјави оти не очекувал „дека ќе го злоупотреби тој настан со испраќање такви пораки“.
Министерот Стоилковиќ, во изјава за Мкд.мк, на реакциите во македонската јавност за присуството и изјавите на Милорад Додик во Македонија, одговори дека “во целост се согласувам со оценката содржана во изјавата на претседателот на Владата, Христијан Мицкоски“.
„Во делот на содржината на говорот којшто се однесува на анти ЕУ, анти НАТО и слично, категорично го отфрлам и апсолутно не се сложувам. Навистина не очекував дека ќе го злоупотреби тој настан со испраќање такви пораки. Бидејќи тоа, сепак, беше свечена академија, а не место каде што се упатуваат ваков тип политички пораки“, рече Мицкоски, одговарајќи на новинарски прашања еден ден по одржувањето на Светосавската свечена академија во Скопје, на 27 јануари.