Стерјовски направи пресек на историјатот на партијата формирана на 8 јуни 2005 година, која, според албанскиот закон за политички партии, е единствен претставник на Македонците во Албанија, оценувајќи притоа дека партијата е силен поборник за правата на Македонците во Албанија.
„Ние Македонците стоиме обединети, без разлика на религија, регион или социо-културно потекло. Нашата работа строго се придржува кон Уставот на Албанија, со цврста посветеност на демократските принципи, културната различност, малцинските права и економскиот развој. Основен принцип на нашата партија е заштитата и застапувањето на социјалните, политичките и етнокултурните интереси на албанските граѓани од македонска националност, зачувувајќи го нашиот јазик, традиции и наследство’, истакна Стерјовски.
Тој додаде дека МАЕИ е посветена на поттикнување на соработката со другите малцинства во Албанија, почитувајќи ги и поддржувајќи ги нивните етнички права, јазик и култура.
„Камен-темелник на нашата мисија е застапување за интеграција на Албанија во евроатлантските структури, исполнување и надминување на евроатлантските стандарди во сите аспекти на општеството и државното управување. Нашите приоритети вклучуваат поддршка на основните човекови права, поттикнување на мултиетничко, мултикултурно албанско општество врз основа на правото и правдата, употреба на меѓународни конвенции и застапување за напредно законодавство за правата на малцинствата“ посочи Стерјовски.
Социјалната база на нашата партија, како што рече, го опфаќа македонското население во Албанија и граѓаните кои се залагаат за правда и еднакви права за сите малцинства, нагласувајќи дека имаат воспоставено партнерства со албанските, балканските и европските политички партии, организациите кои се борат за човековите и малцинските права и евроатлантските структури посветени на овие фундаментални принципи.
„Политичката програма на нашата партија е длабоко вкоренета во инклузивноста, човековите права и заштитата на малцинствата. Ние се стремиме да негуваме порамноправно, разновидно и интегрирано општество во Албанија и поширокиот европски контекст. Македонците во Република Албанија се лојални граѓани, но ние остануваме гордо поврзани со нашето македонско наследство, јазик и традиции. Нашата партија, позиционирана во центарот на политичкиот спектар, е цврста во заштитата на македонскиот идентитет, култура, јазик и традиции во Република Албанија“, истакна лидерот на МАЕИ.
Стерјовски додаде дека дека од самото основање, МАЕИ, покажа значајно политичко присуство во различни локални, регионални и национални владини структури и албанскиот парламент.