четврток, 26 декември 2024

ССМ: Деловната етика и бизнис интегритетот ја зголемуваат довербата кај клиентите

Компаниите кои применуваат принципи на интегритет и транспарентност не само што го зајакнуваат своето внатрешно работење, туку и ја зголемуваат својата доверба кај клиентите, партнерите и инвеститорите, велат дел од експертите кои учествуваа на првата обука во организација на Стопанската комора на Македонија (ССМ) на тема „Бизнис интегритет“ што се одржа во Прилеп, а која е дел од проектот „Граѓаните против корупцијата“.

Објавено на

часот

Сподели

На обуката присуствуваа претставници од различни компании и индустрии од Прилеп и регионот, со цел да се запознаат со најдобрите практики и стратегии за деловен интегритет. Темите вклучуваа поставување на систем за интегритет, запознавање со релевантни меѓународни и европски регулативи, како и спроведување мерки за спречување и борба против корупцијата. Присутните имаа можност да разменат искуства и да разгледаат примери од реалната пракса кои ќе им помогнат во создавање етички деловен амбиент во своите компании. Во текот на обуката беа презентирани и алатки за спроведување на ефективни програми за деловна етика и интегритет, коишто им овозможуваат на компаниите да управуваат со ризиците и да воведат системи за спречување на корупција.

Сесиите беа водени од експерти од две македонски компании, Алкалоид и Македонски Телеком, кои веќе имаат значајно искуство во имплементација на системите за бизнис интегритет. На крајот на обуката, секоја компанија учесник доби сертификат за учество, како и електронски материјали со дополнителни информации за воведување систем за интегритет во компаниите.

Обуката во Прилеп е прва во серијата настани што Стопанската комора ги планира во наредниот период низ повеќе градови, со цел поттикнување на  култура на интегритет во приватниот сектор. Овие активности се дел од пошироките заложби на Стопанската комора за развивање на деловната етика и промоција на бизнис интегритетот кои носат значителна корист за компаниите и создаваат конкурентна предност на пазарот. Компаниите кои применуваат принципи на интегритет и транспарентност не само што го зајакнуваат своето внатрешно работење, туку и ја зголемуваат својата доверба кај клиентите, партнерите и инвеститорите. Воспоставувањето висок степен на деловен интегритет е од витално значење за целиот ланец со кои компаниите соработуваат, што придонесува за долгорочен успех и одржливост на нивното работење.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ