вторник, 22 октомври 2024

Средба на Сиљановска со Мишева, македонска активистка од Холандија

Претседателката на Македонија Гордана Сиљановска-Давкова денеска, по повод Денот на македонската револуционерна борба 23 Октомври, имаше средба со истакнатата македонска активистка и единствен одликуван граѓанин со македонско потекло во Холандија, Светлана Мишева, почесна претседателка на Македонската заедница во Холандија.

 

Објавено на

часот

Сподели

На средбата претседателката Сиљановска-Давкова беше запозната со активностите на Македонската заедница, за генезата на македонско-холандските културни врски и уделот на големиот холандски писател А.ден Долард во запознавање на холандската и европската јавност со стремежот на македонскиот народ за независност.

Мишева за изборот на првата жена претседател рече: „Особено сум горда и изборот на прва жена-претседател во голема мера го поткрепува и оправдува мојот ангажман и работа за македонската кауза што трае над половина век надвор од Македонија.“

Светлана Мишева е голем промотор на Македонија од својата рана младост како активен член на фолклорниот ансамбл „Орце Николов“ и во 60-те години на минатиот век настапувала на речиси сите фолклорни фестивали низ целиот свет. Непосредно по земјотресот во 1963 година работела во тимот на јапонскиот архитект Кензо Танге во изградбата на Скопје и на повик на ансамблот „Орце Николов“ повторно заминала на турнеја во Америка, но овојпат во хуманитарни концерти и собирање помош за обнова на македонскиот главен град.

Во Холандија живее од 1971 година и таму помагала на бегалци, сиромашни и болни за чија хуманост, посветеност и грижа е одликувана во 2009 година.

Мишева била активна и во основање на Македонската заедница и организирање на црковниот живот (Македонската православна црковна општина) во Холандија за чиј минат труд, во март оваа година по повод нејзиниот 80 роденден беше овенчана со Наградата за животно дело Златен Птоломеј од име на Македонската заедница како признание за личност со најдолг стаж за македонската кауза во континуитет во различни области. Со оваа награда Светлана Мишева стана и почесен претседател на Македонската заедница во Холандија.

Претседателката Сиљановска-Давкова возврати со честитки до Македонската заедница во Холандија по повод утрешниот празник и им посака на нашинците во Холандија да продолжат со нивните богати и широки активности и да го следат примерот на Мишева, бидејќи колку повеќе одликувани граѓани од македонско потекло во Холандија, толку поголем респект за македонскиот народ и државата Македонија.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ