среда, 26 февруари 2025

Средба на Сиљановска со генералниот секретар на Советот за регионална соработка Капетановиќ

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова денеска го примила Амер Капетановиќ, генерален секретар на Советот за регионална соработка, оперативен орган на Процесот на соработка во Југоисточна Европа (ПСЈИЕ), чија прва дестинација на турнејата е Скопје.

Објавено на

часот

Сподели

Укажувајќи на важноста на регионална соработка, како што соопштија од нејзиниот кабинет, Сиљановска-Давкова ја потенцирала нужноста од економско и инфраструктурно поврзување, користа од заедничкиот регионален пазар и потребата од интегрирање на регионот во единствениот европски пазар.

„Таа очекува Планот за раст и реформските агенди да го поттикнат развојот на Западниот Балкан преку промени во конкретни области, поддржани со европски финансиски средства чие добивање се врзува за реализацијата на истите во точно определени рокови. Соговорниците се согласни дека меѓусебната почит и разбирање се услов за успешна соработка во низа области што ќе доведе до повисоко ниво на задоволување на потребите на граѓаните преку исполнување на Копенхагенските критериуми и промена на наративот и односот на ЕУ кон нас“, се наведува во соопштението од кабинетот на Сиљановска-Давкова.

Капетановиќ ѝ се заблагодарил на претседателката Сиљановска-Давкова за успешното претседавање со минатогодишниот Самит на ПСЈИЕ, напорите за одржување на кредибилитетот на оваа регионална иницијатива и непречно продолжување на процесот. Тој изразил задоволство од конструктивноста на македонските власти и ја образложи намерата на Советот за утврдување на Каталог на заеднички интереси.

Воедно, генералниот секретар информирал за претстојниот Дигитален самит за Западен Балкан, од кој се очекува да ја поттикне динамиката на регионалната соработка во сферата на дигитализацијата.

На средбата биле споделени видувањата за актуелните политички состојби во ЕУ, проблемот со двојните стандарди на Унијата, чие оправдување се бара во консензуалното одлучување.

„Со оглед на драматичните геополитички промени, претседателката смета дека проширувањето повеќе од било кога треба да биде приоритет на ЕУ, што налага дебилатерализација на процесот и евалуација според реализацијата на Копенхагенските критериуми“, се додава во соопштението.

Сиљановска-Давкова и Капетановиќ укажале на опасноста од билатерализација на евроинтеграцијата од страна на соседите преку злоупотреба на ветото, идентитетски притисоци и обиди за ревизија на историјата.

На средбата биле разменети мислења и предлози за исчекор од патријахалната и поданичка политика и чекор кон партиципативната и демократска политичка култура, за императивот за департизација и деполитизација на државната и јавна администрација, за борбата со корупцијата и криминалот, за нужноста од независно судство, за владеење на правото.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ