Сер Џим Ратклиф се жали дека Манчестер јунајтед со години работи во минус, сака клубот да стане профитабилен, но наместо да се удри по џебот на скапите ѕвезди кои не играат на посакуваното ниво, реши да удри по обичните работници.
Минатата година беа отпуштени околу 250 луѓе, а оваа година ќе има нови кратења, отказ ќе добијат помеѓу 150 и 200 луѓе.
И не само тоа, Сер Џим Ратклиф влече потези кои се срамни за гигант како Манчестер јунајтед.
Донесена е одлука да се затвори кантината на Олд Трафорд, па вработените повеќе нема да добиваат бесплатен оброк, во замена ќе им биде понудено овошје.
Што се однесува до тренинг центарот во Карингтон, само фудбалерите ќе добиваат бесплатен оброк, за останатиот персонал ќе има супа и лепче.
Проценките велат дека кратењето на оброците на Манчестер јунајтед ќе му заштеди околу 1 милион фунти секоја година, смешна сума ако се знае колку пари се трошат на плати, трансфери или пак на откази.
Отказот на Ерик тен Хаг и неговиот тренерски персонал вредеше нешто над 10 милиони фунти, додека пак отказот на спортскиот директор Дин Ешфорд чинеше 4,1 милион фунти, а тој беше дел од клубот само 5 месеци.