„Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за Академија за судии и јавни обвинители содржи четири члена. Со првиот се врши надополнување на членот 40 со два нови става со кои се овозможува надминување на непредвидениот застој во постапката за полагање на приемниот испит во Академијата поради настан кој не можел да се предвиди. Имено, во случај кога единствениот електронски систем за полагање на испитите не е во функција како резултат на настани кои неможеле да се предвидат, а поради крајна итност за спроведување на приемниот испит, се предлага можност квалификацискиот тест да се полага во хартиена форма, а резлтатите да се добијат со електронски читач, без вклученост на човечки фактор, водејки сметка за анонимноста, интегритетот на испитниот процес и различноста на тестовите.
Решението што се предлага е слично со решението содржано во Законот за дополнување на Законот за превоз во патниот сообраќај“, велат од Министерството за правда.
Според информациите на МКД.мк предложените измени веќе се испратени во Собранието.
Извори на МКД.мк информираат дека тендерот за избор на фирма која ќе се грижи за одржувањето на електронскиот систем во АСЈО бил во почетна фаза.
Една недела откако ги испрати прашањата, МКД.мк сѐ уште чека одговори од Владата зошто Министерство за информатичко општество и администрација (МИОА) досега не ја спровела постапката, во која фаза се наоѓа постапката и кои се причините за неспроведување на постапката за јавна набавка на услуги за одржување на електронскиот систем за полагање на испити во Академијата за судии и јавни обвинители. Останавме покуси и за одговорите од Владата кој предложил квафликацискиот испит за прием на слушатели во АСЈО наместо електронски да биде спроведен во хартиена форма што е спротивно на законот и кои сѐ други институции не можат да спроведат тестирање поради неспроведување на постапката за јавна набавка на услуги за одржување на електронскиот систем за полагање на испити?
Во меѓувреме најмалку двајца членови на Управниот одбор (УО) на Академијата за судии и јавни обвинители (АСЈО), кого Владата претходно го задолжи да најде чаре како да го спроведе испитот за идни судии и јавни обвинители, еден судија и една обвинителка, на вчерашниот состанок побарале во записник да биде констатирано дека се против Заклучокот на Владата, продолжението на квалификацискиот испит за прием на нови кандидати за почетната обука да се спроведе писмено, во хартиена форма иако тоа е спротивно на законот.
Иако свесни дека доколку ја послушаат Владата ќе постапат незаконски, сепак МКД.мк веќе една недела чека одговори и од АСЈО како го оценува овој потег на Владата, дали ова претставува дерогирање на Законот за АСЈО, како и кој ќе го спроведе оценувањето?
Најважното прашање на кое МКД.мк не доби одговор е и прашањето ако резултатите од испитите се обработуваат со електронски читач тогаш зошто во новата временска динамика за приемен испит е дадена напомена дека практичниот испит односно изработката на пресуди или решенија врз база на зададени задачи се прегледуваат од страна на комисија, а не електронски како претходно?
Наместо тоа А од АСЈО вчера излегоа со кусо и штуро соопштение во кое нема ниту збор за тоа што се разговарало на состанокот на УО, дали и какви предлози имало за надминување на состојбата и дали и кога ќе има конечна одлука на одборот од што пак зависи дали и како ќе продолжи квалификацискиот испит за влез на во Академијата за идни судии и јавни обвинители.
„Ве информираме дека Управниот одбор на Академијата одржа седница на која го разгледа Заклучокот на Владата усвоен на 214-та седницата одржана на ден 26 декември 2023 година. Во моментов, Управниот одбор ги разгледува сите можности за спроведувањето на квалификацискиот тест согласно закон“, пишува во соопштението на АСЈО.
Ова создава дополнителен проблем и во Временската рамка во која е пропишана динамиката за полгање на потребните испити со што се доведува во прашање целокупниот процес но и законитоста на евентуалниот прием на нови кандидати за почетната обука за идни судии и јавни обвинители.
„Како што веќе знаете, Временската динамика за полагање на приемниот испит беше менувана повеќе пати, од причина што беше донесен нов Закон за Академија за судии и јавни обвинители, нови подзаконски акти согласно истиот, истек на договорот за одржување на електронскиот систем за полагање на испити во државните институции, како и поради други фактори кои имаа влијание на спроведувањето на некои фази од приемниот испит. Со цел добивање навремени и точни информации, продолжете да ја следите нашата веб страница, како единствено средство за информирање во однос на понатамошниот тек на приемниот испит“, пишува во соопштението на АСЈО.
МКД.мк пред една недела откри дека АСЈО се најде во небрано и ќе треба незаконски да го спроведе квалификацискиот испит затоа што Владата доцни со спроведување на тендерот за избор на фирма за одржување на компјутерите во Академијата.
Искра Опетческа