„Станува збор за системски проблем и тој може да се реши или да се ублажи само со системски промени. Една од тие системски промени, е комплетниот ветинг во правосудниот систем и жалам што, слушајќи ги советите на високите европски функционери во 2016 и 2017 година, кога се промени структурата на власта, ние не влеговме во тој процес. Гледајќи ги ефектите од немањето ветинг во Македонија, мислам дека не можеше да биде полошо во таа смисла ако направевме комплетен ветинг“, подвлече претседателот Пендаровски.
Во оваа насока, тој се осврна и на црната листа на САД, истакнувајќи дека истата придонесува за кревање на свеста кај политичките субјекти.
„Не е сеедно што Америка мисли, или не мисли за владеење на правото и на американската амбасадорка лично и реков дека треба да продолжат во таа насока“, заклучи претседателот Пендаровски.
Тој изјави дека најдоцна во втората половина на февруари ќе се изјасни дали ќе се кандидира за втор претседателски мандат.
„Сѐ додека имам поддршка од граѓаните во еден солиден број, не стравувам од ниту еден политички субјект и затоа немам потреба никому да се додворувам во таа смисла“, изјави претседателот Пендаровски на прашањето дали стравува дека нема да добие поддршка од ДУИ.
Запрашан за коментар за анкетите коишто се спроведуваат, претседателот изјави дека неговиот личен рејтинг не е битно променет во изминативе четири години, што според него „не е лоша работа ако во текот на мандатот не изгубите од вашиот рејтинг“.